„Изборен компас Македонија“ – онлајн алатка ги споредува ставовите на гласачите со оние на партиите

Граѓаните отсега ќе може да ја споредат својат став со оној на партиите кои ќе учествуваат на престојните парламентарни избори преку бесплатната онлајн алатка, која е производ на Институтот за истражување и општествени иновации – Импакт.

Со „Изборен компас Македонија“ граѓаните имаат можност да одговорат на серија од 30 внимателно избрани искази по важни прашања групирани во шест тематски области (економија, социјални политики, домашна политика, човекови права, миграција и меѓународни односи). Овие искази, одбрани врз основа на претпоставката дека прашањата на кои партиите најчесто се осврнуваат во јавниот дискурс се оние поважните за гласачите, се претходно одговорени и од страна на политичките партии.

Како што посочуваат од Институтот, во системот на алатката се кодирани вкупно 11 политички партии и коалиции, вклучувајќи ги политичките партии кои се претставени во Парламентот и политичките партии и коалиции коишто имаат поддршка од минимум еден отсто во истражувањата на јавното мислење спроведени во 2016 година.

„Експертскиот тим одлучи да ги вклучи и новите политички субјекти, Левица, Унитети и Беса, од кои Беса и Левица учествуваат самостојно на изборите. Во кодирањето беа вклучени коалициите кои учествуваат на изборите наместо поединечните партии коишто се дел од тие коалиции, а кодирани беа водечките партии од секоја коалиција. Сите 11 партии беа контактирани за самостојно да ги кодираат позициите на партиите и да приложат доказен материјал (цитати и линкови) заедно на нивните тврдења. Девет политички партии се одзваа на барањето, а единствените две кои не се самокодираа беа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ“, информираат од Институтот.

Паралелно со самокодирањето, тимот на истражувач(к)и извршил независно кодирање на позициите на политичките партии, со анализирање на изборните програми, идеолошките платформи, официјалните документи, веб страниците, изјавите на официјалните претставници на партиите, интервјуа и колумни на претставници на партиите, како и изборните програми од претходни изборни циклуси. Потоа, како што објаснуваат од Институтот, самокодирањето и независното кодирање биле споредени и партиите биле контактирани во случај кога двете не се совпаѓале, со можност да достават дополнителен доказен материјал што ја поддржува нивната позиција. Конечните одлуки на истражувачкиот тим биле подлежни на двојно проверување од останатите членови на тимот и надворешни соработници.

Од Институтот нагласуваат дека пресметката на позициите на секоја партија, коалиција и поединец се базира на математички алгоритам, кој е апсолутно независен од било каква интервенција и влијание на истражувачкиот тим и политичките партии.

„Еднакво важно е да се укаже и на тоа дека алатката не им кажува на корисниците за која партија или коалиција да гласаат, туку едноставно им покажува каде се поставени нивните лични ставови на политичката сцена и согласно тоа, кои партии им се блиски, а кои далечни во однос на политичките ставови“, велат оттаму.

„Изборен компас Македонија“ е изработен од тим на истражувач(к)и од Институтот за истражување и општествени иновации – Импакт, Киескомпас и Врије Универзитетот во Амстердам и Централноевропскиот универзитет во Будимпешта. Проектот е финансиран од Амбасадата на Кралството Холандија и е поддржан од Амбасадата на Сојузна Република Германија во Македонија.