Итни мерки за расчистување на депонијата во Визбегово ќе побара Државниот инспекторат за животна средина

Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) ќе испрати барање до градоначалниците на Општина Шуто Оризари и Град Скопје, со цел да преземат итни мерки за расчистување на депонијата во Визбегово, но и за соодветно да се уреди земјиштето, информираат оттаму.

Од ДИЖС потенцираат дека на 23 декември утврдиле прекршување на законот за управување со отпад, откако извршиле вонреден инспекциски надзор на депонијата, по претставки од граѓани. Дополнително, тие информирааат дека депонијата постојано гори и нелегално се полни со отпад, ослободувајќи гасови кои ги дразнат грлото и очите.

„До депонијата се пристапува преку земјен пат што се одвојува од патот Визбегово – Шуто Оризари, а пристапот се контролира преку капија што се заклучува. Во моментот на надзорот капијата беше отворена, за да се пропушти камион кипер од општина Шуто Оризари да исфрли отпад. Инспекторите утврдија дека од двете страни на пристапниот пат се депонира градежен шут, комерцијален и индустриски отпад, додека на крајот од патот депонијата се проширува и завршува во огромна дупка што се исполнува со различни видови отпад, вклучително и комунален. Долж патот, а особено на проширувањето на депонијата, беа видливи траги од опожарување. Отпадот депониран покрај дупката тлееше на повеќе места“, се посочува во соопштението на Инспекторатот.

Тие додаваат дека возачот на камионот и лицето кое ја отвориле капијата ги информирале дека била исфрлена земја за да се прекрие отпадот што се пали, но, од ДИЖС посочуваат дека инспекторите утврдиле дека земјата била истурена покрај дупката.

„Инспекторите одржаа состанок со Градоначалникот на Општината Шуто Оризари, за да му укажат за обврските на општината што произлегуваат од членот 41 од Законот за управување со отпад. Имено, градоначалникот е должен да ја одржува јавната чистота и да постапува со напуштениот отпад во неурбанизираниот дел од општината. Градоначалникот извести дека депонирањето на отпад нелегално го вршат правни и физички лица и дека општината е немоќна тоа да го спречи“, се додава во нивното соопштение.

Од ДИЖС порачаа дека депонијата во Визбегово „не смее да гори и мора да се исчисти“.