Итни мерки за подобрување на состојбите во Специјалниот завод – Демир Капија

Преку Акцискиот план со итни мерки ќе се подобруваат состојбите во Специјалниот завод Демир Капија.

Договорена е забрана за нови сместувања во институциите кои згрижуваат лица со попреченост, а во текот на наредните две недели, центрите за социјална работа треба да направат индивидуална проценка на сите деца кои се сместени во институциите и да подготват индивидуален план за секое дете.

Најавени е формирање волонтерски тимови од граѓанскиот сектор кои ќе помогнат во работењето и подигнувањето на стручните капацитети на Специјалниот завод – Демир Капија, како и тренинзи за стручните лица кои работат во Специјалниот завод.

Меѓу приоритетите е итно подобрување на хигиенските услови и здравствената нега во установата.

Со акцискиот план ќе се поддржи регионална соработка со државите и стручните лица од институциите од балканскиот регион. Најавено е и можност за отворање мал групен дом за децата кои се сместени во Демир Капија, со цел нивно деинституционализирање.

На состанокот со кој раководеше Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, присутни беа и Координаторот на ОН во земјата и постојан претставник на УНДП, Луиза Винтон, постојаниот претставник на УНИЦЕФ за Македонија, Бенџамин Перкс, претставникот на Делегацијата на ЕУ, Нафи Сарачини, Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права и претставникот на проектот финансиран од страна на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Владимир Крстевски.