[Истражување] Нема конкурентност во тендерите на македонските средни училишта

Една фирма најчесто се „натпреварува“ на јавните набавки на 103-те јавни средни училишта во Македонија, покажува анализата спроведена од Институтот за стратешки истражувања и едукација (ИСИЕ).

Во истражувањето се регистрирани сите јавни набавки на јавните средните училишта во периодот од јули 2013 до јуни 2017 година, во кои се потрошени скоро 700 милиони денари.

Од податоците во истражувањето, она што најмногу отскокнува е недостатокот на конкуренција во средношколските тендери. Од 3.343 склучени договори, во 1.026 се јавила само една фирма, додека во дополнителни 905 постапки конкурирале две фирми.

„Се обидовме да видиме колкава била конкурентноста во процедурите за јавни набавки. Тоа само по себе не мора да значи ништо, но со цел да се поттикне и транспарентноста и конкуренцијата и да се добијат што поевтини цени во постапките на јавните набавки – ова не го дава тој резултат. Потребно е што повеќе субјекти да се јавуваат на процедурите за јавни набавки за да се поттикне конкуренцијата и на крајот да се добијат поевтини цени“, рече Дарко Спасевски, еден од авторите на истражувањето.

Кај договорите до 5.000 евра, во 30% од јавните набавки се пријавила само една фирма, додека во поскапите јавни набавки, до 20.000 евра за стоки и услуги и до 50.000 евра за работи, се забележува слична ситуација. На 29% од тендерите учествувала само една фирма.

Во истражувањето се анализира и на што најмногу трошеле средните училишта во периодот 2013-2017 година. На тендерите до 5.000 евра најмногу се трошело за канцелариски материјали, компјутери и опрема, на градежни активности и хигиена и електро и водоводни материјали и бои.

На поголемите тендери, за стоки и услуги до 20.000 и за работи до 50.000 евра средства се издвоени за градежни работи и реконструкции, па на греење, храна и транспорт.

Друштвото за трговија и услуги „ДБ Системи Дооел – Скопје“ има добиено најмногу договори во анализираниот период, вкупно 89, со вкупна вредност од 19,4 милиони денари. Во јавните набавки до 20.000 евра за стоки и услуги и до 50.000 евра најмногу средства добила фирмата „Белешков Инженеринг – Крива Паланка“, 15,5 милиони денари во 8 склучени договори.

Истражувањето утврдува и дека низ процесот на јавни набавки средните училишта оствариле заштеди во споредба со проценетите цени во договорите. Во набавките до 5.000 евра склучените договори просечно биле во вредност од 70% во однос на проценетата вредност, додека кај договорите до 20.000 евра за стоки и услуги и до 50.000 евра за работи, склучените договори биле 55% од проценетата вредност на јавната набавка. Тоа сугерира дека и во двата случаи средните училишта просечно остварувале заштеди во процесот на јавни набавки.

„Тука секако се поставуваат низа прашања. Дали била поставена превисока вредност, дали ако имало повеќе економски оператори на јавната набавка би можела да се постигне уште поевтина цена?“, посочи Спасевски.

Авторите на истражувањето до средните училишта препорачуваат подобро планирање и навремено објавување на годишните планови за јавните набавки, зголемување на капацитетите на нивните органи кои ги следат спроведувањето на постапките, користење соодветни софтверски решенија и зголемување на транспарентноста за поттикнување учество на поголем број економски оператори на повиците на јавните набавки.

Анализата, наречена „Како се троши средношколскиот денар?“ има цел да го поттикне интересот на јавноста за трошењето на средствата за јавни набавки и да го зголеми домаќинското трошење при јавните набавки во средното образование е имплементиран од МОСТ со финансиска поддршка од Европската Унија.

Даниел Евросимоски