Истражување: Стартап екосистемот во Македонија нема доволна поддршка

Ниска ефективност на услугите кои компаниите го добиваат од организациите за поддршка на стартапи, јазот во потребите на компаниите и услугите кои организациите ги нудат и недостатокот на заедничка развојна рамка и недоволната соработка меѓу чинителите во екосистемот се главните проблеми идентификувани во истражувањето на стартап екосистемот во Македонија спроведено од Стартап Македонија, со поддршка од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем.

За целите на истражувањето, од јануари до април 2018 година беа интервјуирани 65 стартап компании и 20 организации за поддршка на стартапи (инкубатори, акцелератори, тренинг центри,  итн.), како главните чинители во стартап екосистемот.

„Како што мапирањето на екосистемот покажа, и покрај големиот потенцијал на стартапите во Македонија, овдешното опкружување не е најадекватно за нивниот раст. Фрагментираниот екосистем прави услови во кои што компаниите имаат тешкотии кон пристапот до финансии, додека пак инвестициските фондови тешко успеваат да ги идентификуваат стартапите кои стигнале до доволна фаза на развој. После ова мапирање, евидентна е потребата од адекватни услуги во поглед на менаџирање, продажба и пристап до финансии. Но и покрај сите недостатоци, постоењето на можности за подобрување на екосистемот е доволна мотивација за понатамошна работа на сите засегнати актери, вклучувајќи го и Проектот,”  изјави Мирјана Македонска, директорот на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем.

За илустрација на јазот меѓу побарувачката и понудата на услуги, истражувањето покажало дека додека 75% од стартап компаниите имаат недостаток од знаења во областа на продажба, само 35% од организациите нудат ваков вид на поддршка. 80% од организациите нудат менторски услуги, што пак го бараат само 11% од стартап компаниите. Во однос на спремноста за инвестиции, организациите за поддршка ги оценуваат стартап компаниите 2,25 од 5, што означува ниска спремност која е дополнително поддржано од податокот дека 66% од организациите го идентификуваат финасирањето како главен предизвик за раст на нивниот бизнис. Половина од стартап компаниите сметаат дека нема доволно соработка во рамките на екосистемот, додека пак 80% од организациите на поддршка нудат услуги за ,,вмрежување и соработка”.

Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем е наменет за зајакнување на конкурентноста на микро, малите и средните претпријатија (ММСП) во Македонија, преку подобрување на деловните услуги, финансирањето и пазарните врски со цел потикнување на пораст на продуктивноста и вработувањата во ММСП. Со цел подобрување на системските услови за работа на бизнисите, Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем соработува со организации од стартап сферата во идентификување и подобрување на недостатоците присутни во македонското деловно опкружување.

Од УСАИД информираат дека ова мапирање преставува прв чекор од заложбите на Проектот за креирање на стартап екосистем кој овозможува раст на продуктивноста, приходите и работните места во Република Македонија.