Истражување: Социјалните мрежи се најранливи на дезинформациите

Социјалните мрежи се платформа на која младите сметаат дека најчесто може да наидат на дезинформации, по што следуваат онлајн медиумите, телевизијата, печатените медиуми и радиото. Ова го покажува истражувањето на „Еуротинк“ и „Метаморфозис“, во кое беа анкетирани студенти од Универзитетите „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и „Св. Климент Охридски“ во Битола, како и Универзитет на Југоисточна Европа во Тетово.

Истражувањето вклучи ставови на млади на возраст 18-23 години и се фокусира на критичкото размислување и нивните навики за информирање.

Поголемиот дел од испитаниците, 38%, како главно средство за информирање го користат интернетот, односно електронските верзии на телевизиите, дневните весници и  порталите, додека 32% ги користат социјалните медиуми. 8% од младите ја користат телевизијата како извор за информирање, додека само 1% од нив имале некаков контакт со весник во последните недела-две, односно само тројца од 301 испитаник. Овие податоци денеска ги претстави Александар Стојановски од „Еуротинк“ во рамки на конференцијата „Денови на медиумска писменост 2019“.

Во однос на проверка на информациите, мнозинството млади, односно 52% од нив, кога се сомневаат во некоја вест, го проверуваат изворот на веста и бараат докази. 34% од нив ја споредуваат информацијата со други медиуми, а 13% не прават ништо.

Според видовите на телевизиски програми кои ги следат, помалку од 1% од младите следат контактни емисии. Дебатни емисии, информативни содржини и вести следат 22% од испитаниците, 20% едукативни содржини и квизови, односно 56% од нив следат забавна содржина.

За испитаниците на истражувањето, најчеста причина за сомневање во една вест од социјалните медиуми е изворот на информацијата. По ова следуваат и одговори како, тенденција на авторот да претерува, мислење наместо фактичко поткрепување со информации, политичката природа на информациите, заклучоци кои не се изведени од изворните податоци, квалитетот на методологијата, како и правописните и граматички грешки кои се наоѓаат во информациите.

Истражувањето покажува и дека Инстаграм е платформата која младите најчесто ја користат, а веднаш позади неа доаѓа Фејсбук, додека во помали бројки доаѓаат и Снапчат, Твитер и Линкедин.

Во рамки на настанот, беше претставено и Мапирањето на нивоата на медиумска писменост во Република Северна Македонија кај населението над 16 години, во организација на Агенцијата за аудио и аудиовизуени медиумски услуги и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Целта на Деновите на медиумската писменост, кои се одржуваат под мотото: „ЗАСТАНИ, РАЗМИСЛИ, ПРОВЕРИ!“, е да се подигне јавната свест за важноста на медиумската писменост.

M.K.