Истражување: Само 100 компании се одговорни за 71% од глобалните емисии на стакленички гасови

Сто компании се извор на 71% од гасовите кои ја загадуваат планетата, од 1988 година до денес, според новиот Извештај за емисии на јаглерод.

Истражувањето „точно покажува како релативно мал број на производители на фосилни горива може да го држат клучот до системска промена на емисиите на јаглерод“, вели педро Фариа, технички директор во непрофитната организација за екологија CDP, која го објави извештајот во соработка со Институтот за климатска одговорност.

Традиционално, податоците за големите емисии на стакленички гасови се собираат на национално ниво, но овој извештај се фокусира на производителите на фосилни горива. Собрани од датабаза на бројки за емисиите кои се јавно достапни, се смета за прва од низа публикации кои ќе ја потенцираат улогата која компаниите и нивните инвеститори можат да ја одиграат во справувањето со климатските промени.

Истражувањето откри дека повеќе од половина од глобалните индустриски емисии од 1988 година – годината кога Интервладиниот панел за климатски промени беше основан – може да се поврзат со само 25 корпорациски или државни ентитети. Размерот на историските емисии поврзани со овие производители на фосилни горива е доволно голем, за да придонесува значајно кон климатските промени.

ExxonMobil, Shell, British Petrol и Chevron се едни од најголемите загадувачи во приватна сопственост. Доколку фосилните горива и понатаму се екстрактираат со иста стапка во наредните 28 години, како што тоа се правело меѓу 1988 и 2017, вели истражувањето, глобалната просечна температура може да порасне за 4 степени Целзиусови до крајот на векот. Тоа ќе има катастрофални последици, меѓу кои огромно исчезнување на различни животински видови, сиромаштија и глад поради сушите.