Истражување: Само 0,4 проценти од младите користат мерки за самовработување, неопходни се реформи

Дури 78 проценти од младите во Македонија се невработени подолго од една година, а стапката на невработеност на лицата од 25-29 години е 39 проценти. Иако од 2014 година кај нас постојат можности за субвенционирање за самовработување, младите не знаат за нив или пак не ги исполнуваат многубројните услови, па малкумина од нив ја користат оваа мерка или само 0,4%.

Ова се податоците презентирани во истражувањето за Ефективност за политики за справување со младинска невработеност на студентот Ѓорѓи Димески, изработено во рамки на проектот „Градење на следната генерација на младински лидери“, кој го спроведуваат Институтот за европска политика – Скопје и Младински образовен форум.

Истражувањето, за чии потреби Димески анкетирал 80 компании, има за цел да дознае која е реалната состојба со младинската невработеност во Македонија, кои мерки за справување со неа постојат, колку ефективно се спроведуваат и што треба да се промени за да привлечат и да помогнат на повеќе млади.

Стапката на невработеност на лицата од 15-24 години е 48.2% додека пак на лицата од 25-29 е 39%, пишува во истражувањето на Димески. Околу 78% од младите невработени луѓе спаѓаат во категоријата долгорочно невработени, односно бараат работа подолго од една година.

gjoto1

Како начин да се преземат чекори за справување со овој загрижувачки процент, од 2014 година на сила е Законот за субвенционирање на младинско вработување. Пред 2014 година, мерките претежно се фокусирале на зголемување на понудата на млада работна сила (тренинзи, обуки за доквалификација).

Иако официјалните податоци покажуваат дека мерките за самовработување се голем успех, Димески тврди дека е потребна независна евалуација на мерките содржани во акциските планови, пред се бидејќи мерките кои се планирани не се целосно остварливи поради два ефекти.

Прв е ефектот на супституција, односно претпочитање на работниците за кои може да се добијат субвенции, за сметка на други, несубвенционирани работници.

Овде е и ефектот на алокациски трошоци, кој значи дека истите тие мерки ги користат и компании на кои не им се неопходни за да остварат резултат.

gjoto2

gjoto3

Кога станува збор за компаниите каде младите би можеле да најдат работна позиција, дури 79.3% од македонските компании се микро компании. Од сите вработени, 80,5% се во микро, мали или средни бизниси. „Микро и малите бизниси се најголеми создавачи на работи места. Сепак, можноста за самовработување или отпочнување на нов бизнис е користена од само 0,4% од младите“, наведува Димески.

На полето на претприемничкото образование, истражувачот презентира дека треба да почне порано во образовниот процес, како и дека е пожелна соработка со невладини организации кои работат на полето на претприемништвото.

Македонија има и проблем кој е веројатно редок, кога станува збор за други земји. Имено, во нашата држава има прекумерно образован кадар – дури 36,7 проценти од младите се прекумерно образовани за нивните работни позиции.

Друг проблем посочен во истражувањето на Димески, е тешкиот пристап до финансиски средства. Според неговите анкети, 24,4 проценти од самовработените млади лица го посочиле проблемот со добивање финансиски средства како пречка при самовработувањето.

Како потенцијално решение за овој проблем, тој го наведува подобрувањето на пристапот до ЕУ проекти кои нудат грантови за раст и развој на мали бизниси, поголема одржливост на новите бизниси и менување на соодносот на број на учесници во програмата и сумата на финансиски грант. Или – помали грантови за поголем број на учесници.

За да бидат подобрени условите за кредитирање, во истражувањето се предлага младите претприемачи да соработуваат со бизнис инкубатори, како и да се прошири опсегот на политиките кои се покажале како успешни.

Друга мерка која постои е субвенционираното вработување, кое претставува „давање финансиски мотив за остварување на одредена цел“.

Мерките се уредени според Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност.

gjoto4

gjoto5

Работодавачот е должен да го задржи лицето уште дополнителни 12 месеци, како и во период од 24 месеци од вработувањето да не го намали бројот на вработени, освен во случаи на смрт или пензионирање.

Субвенционирањето можат да го користат сите компании, без разлика на нивната големина или успех.

Според теренското истражување кое Димески го извршил на 80 компании, најголем број од компаниите кои ја користат мерката се микро, после нив доаѓаат малите компании, па големите компании. Од средните кои ги анкетирал, ниту една не користи субвенции. Дури 92,5 проценти од компаниите одговориле дека планирале вработувања уште пред да биде воведена мерката.

Најголемите пречки со кои се соочуваат компаниите кога го користат субвенционирањето се неговата флексибилност, не земањето предвид на оправданите отпуштања и неразумно краткиот рок за замена на лицата кои даваат отказ.

Димески заклучува дека е потребно одново да се приспособи мерката за потребите на микро и малите компании, како и да се зголеми видливоста со што би можеле значајно да се подобрат нејзините резултати. Тој вели дека се потребни подобар механизам за утврдување и известување за вештините кои во иднина ќе бидат потребни на пазарот на труд, ревидирање на системот за давање на финансиска помош и зголемување на опсегот во однос на институциите и лицата за соработка.

С.Т.