Истражување: Потребна е правна регулатива за да се реши хаосот со средношколското организирање

Училишното организирање под итно мора да се регулира, првично преку интерни училшни акти и статут на училиштето, но и со национална легислатива како Закон за средношколско организирање, посочува Матеј Поп Дучев од Младинскиот образовен форум.

Тој изработи истражување за комуникацијата во училиштата, ефектите од (не)учество на средношколците, и улогата на ученичките претставнички тела на територијата на Град Скопје во кое се вклучија 1870 средношколци.

Истражувањето покажува дека во училиштата каде има претставничко тело комуникацијата помеѓу ученици, професорите и администрацијата е поквалитетна, а со тоа и можноста да се појави конфликт меѓу нив е помала.

„1379 (73,7 %) од испитаниците одговориле дека во нивното училиште постои ученичко претставничко тело, 55 (2,9 %) одговориле дека не постои, додека пак дури 436 (23,3 %) не се сигурни дали телото постои или не. Од оние кои одговориле дека во нивните училишта постојат УПТ, 1078 (78,2 %) не се дел од нив“, се наведува во истражувањето.

Според Поп Дучев, важно е да се воспостават претставнички тела каде што ги нема и да се направи нивна јасна поделба на ниво на паралелка, училиште, општина и држава. Во спротивно, смета тој, кога нема механизми да се слушне гласот на средношколците, последна алатка што им останува е бојкотот.

Понатаму во истражувањето се наведува дека улогата на ученичките претставници е многу поголема кога станува збор за матурски прослави, екскурзии и спортски активности, но помалку учествуваат во прашања за квалитетот на наставата и образованието.

Како позитивен пример е училишната заедница при СУГС „Никола Карев“. Тие секоја година ги бираат своите претставници, а овој пат тоа се одржувало онлајн поради пандемјата, пто според Мила Јовановиќ дури им го олеснил процесот. Во моментов, нивната заедница брои 64 члена, по 2 од секој клас.

Во 2020 имале над 50 средби со ученичката заддница, но и работни средби со директори, професори, соработници…. со цел да се вклучат во одлуките што се однесуваат за нив или пак, работи што меѓу нив треба да се решат.

Јовановиќ е задоволна што лани успеале да организираат онлајн турнир, поетско читање, филм, бендови и хуманитарна акција.

„Сè што се прави за нас, треба да се направи од нас, заедно со институциите“, забележа Јовановиќ.

„Моделот којшто ние во моментов го имаме не е совршен, но може да биде и почеток за оформување за нешто подобро и покорисно, не само за нас туку и за сите во иднина. Нè учи за како да се спремиме за во иднина. Сите сме свесни дека постојат студентски парламенти во кои ќе бидеме еден ден дел од нив. Дефинитивно е искуство кое понатаму ќе влијае во градење на нашите способности“, додаде таа.

Но, за да се избегне во иднина прашањето кој кому е преставник, таа предлага од секое училиште да има личност која ќе има удел во поголемо тело што ќе ги претставува учениците.

Според Жана Живадиновиќ, професорка во СУГС „Арсени Јовков“, должност на училиштето е да ги мотивира учениците да ги развиваат своите компетенции на демократска култура.

„Образованието е првото среќавање на младите со некаква општествена инситтуција, а за да биде ефикасна таа институција мора да биде основана на демократска култура, да го слуша тоа што граѓаните го бараат од неа“, смета Живадиновиќ.

Таа смета дека е неопходно учениците да се организираат за да можат своите ставови и мислења и желби за промена да ги искажат, но како што посочи, треба да бидат и разбрани од наставниците со достојна почит, без разлика дали се соглсуваат со нив.

Според неа, причината зошто многумина не знаат дали во нивното училиште има ученички претставници може да се должи на немотивираност, лоши искуства од претходно, незаинтересираност…

Првичната „вина“ за ова е на училиштата, бидејќи како што вели Живадиновиќ, тие се должни да ги заинтересираат учениците и да им покажат зошто е важно да се вклучат во процесот на носење одлуки или преземање иницијативи и акции.

Во гимназијата „Зеф Љуш Марку“, пак, периодов забележуваат намалување на конфликтите. Според психологот Ајше Бекири, ова се должи на префрлање на наставата од физичка во онлајн. Но, останал предизвикот за справување со сајбер булингот.

„Повеќето од искуствата се дека претставници доаѓаат од класот. Претседателот го кажува кофликтот што е поставен во класот. Понатаму се слушаат сите страни и на крај се известуваат родителите и се решава без да се зголеми проблемот. Повеќе имаме работа на превенција на проблемот, за да не се појави“, појаснува таа.

Истражувањето финансиски е поддржано од Град Скопје, од каде ги охрабруваат учениците да се вклучуваат на свој автентичен начин во правење промени во заедницата.