Истражување на Пју: Општествата ширум светот веруваат дека медиумите се пристрасни

Луѓето во светот сакаат нивните медиуми да бидат политички непристрасни, но голем дел од јавноста смета дека средствата за масовни комуникации не ја извршуваат таа задача, се вели во анкета на американскиот аналитички центар Пју.

Анкетата е спроведена врз околу 42.000 луѓе во 38 држави во периодот меѓу февруари и март 2017 година.

„И покрај огромните разлики во светот во структурата на водењето, политиката и медиумите, постои широк консензус дека улогата на медиумите е да не заземаат страна за политички прашања туку да известуваат непристрасно со објавување на сите агли“, изјави Ејми Мичел, претставник на Пју.