Истражување: Ако се избегне користењето канабис кај тинејџерите, ќе се превенираат 7 отсто од случаите на депресија

Дури до 60.000 случаи на депресија кај возрасните од Велика Британија би можеле да се избегнат ако се превенира тинејџерите да пробаат канабис, посочија истражувачите кои работеа на големо истражување на оваа тема, објави „Индепендент“.

Во најголемата студија досега, истражувачите од Канада и Оксфордскиот универзитет пронајдоа цврсти докази дека пробувањето канабис пред 18-тата година значи дека кај овие млади луѓе има поголема веројатност да развијат депресија и да доживеат самоубиствени мисли.

Истражувачите велат дека распространетата употреба на оваа билка кај тинејџерите најверојатно нема да се промени, но дека мора да се работи на поголема едукација на младите луѓе за овие ризици.

„Процентот на луѓе со депресија, каде што тоа не би се случило ако не користеле канабис, изнесува околу 7 отсто”, рече професорот Андреа Цириани, еден од авторите на Универзитетот во Оксфорд.

„Ова е еднакво на околу 400.000 случаи на депресија во САД, 25.000 во Канада или околу 60.000 случаи на депресија во Велика Британија“.

„Сметаме дека тоа е голем проблем за јавно здравство и ментално здравје”, додаде тој.

Студијата, објавена во „JAMA Psychiatry“, е мета-анализа на 11 други студии кои следеле 23 000 луѓе во однос на нивната употреба на дрога и ментално здравје, од моментот пред за првпат да пробаат канабис, се до нивни 34 години.

Истражувачите не нашле значајна врска меѓу употребата на канабис и појавата на анксиозност, но кога има и депресија, ефектот е еквивалентен на 37 отсто зголемување на ризикот на поединецот.

Сепак, според д-р Цириани, индивидуалните фактори како што се семејната историја и другите животни услови, сѐ уште имаат главна улога.

ТХЦ (тетрахидроканабинол) е главна психоактивна состојка на канабисот, и е еден од најмалку 113 видови канабиноиди идентификувани во билката. Зголемена концентрација на ТХЦ, би значела дека ако истата анализа се направи до денешните тинејџери кои првпат пробуваат канабис, може да покаже уште поизразени влијанија за една деценија.

Мартин Пауел, шеф на кампањите за трансформација на политиките за лекови, добротворна организација која се залага за реформи во Законот за дроги, рече дека заштитата на младите луѓе може да се олесни со регулирање на пазарот.

„Можете, како што направи Уругвај, да ја ограничите јачината – како што тие ја направија, на околу 10 отсто”, изјави тој за „Индепендент”.
Тој штетата од канабисот ја споредува со штетата што произлегува пиењето алкохол меѓу малолетиците , кој е дел од легализираниот пазар.

„Секој родител што би сакал неговото дете да не пие, ќе каже дека ако веќе го прави тоа, претпочитаат нешто што има позната содржина на алкохол, и во кое нема дополнителни загадувачи”.