Историски пресврт откако во Саудиска Арабија започна продажба на божиќни украси

Елки и божиќни украси почнаа да се продаваат во продавница во Ријад, главниот град на Саудиска Арабија, нешто што некогаш претставувало незамислива глетка во оваа земја каде е забранета било каква верска пракса на немуслимани, јавува „Франс 24“.

Во последниве години, постепено се провлекуваа вакви предмети за продажба во Ријад и ова претставува знак на олабавувања на социјалните ограничувања, откако престолонследникот Мохамед бин Салман вети дека ќе го насочи конзервативното кралство кон „отворен и умерен ислам“.

„Никогаш не замислував дека ќе го видам ова. Изненаден сум“, изјави жител на Ријад во продавница за божиќни дрвја.

До пред три години беше невозможно отворено да се продаваат такви предмети во земјата, но властите ги намалија овластувањата на верскиот естаблишмент кој се залага за почитување на исламската традиција.

Со децении продажбата на божиќни поклони се случувала „под тезга“, а христијаните кои доаѓаат од државите како Филипини, Либан, но и други земји, празникот го славеа позади затворени врати.

Арапското кралство кое долго време беше обвинувано за ултраконзервативната вахабитска сунитска доктрина, полека се отвора кон другите религии. Во последните неколку години, кралството беше и домаќин на официјални лица од Ватикан.