„Историска грешка“ – лидерите на ЕУ по одлуката дека нема датум за почеток на преговори со С. Македонија

„Не се работи за неуспех, туку за грешка. Јас сум многу разочаран од ваквиот исход. Северна Македонија и Албанија го положија испитот, што не може да се каже за некои земји членки на Европската Унија“, рече претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, откако соопшти дека не бил постигнат консензус за одлука за почеток на преговори со двете земји-кандидатки.

На пресконференцијата, на која говореше и претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, лидерите на Европската Унија напоменаа дека Северна Македонија и Албанија направиле сè што се барало од нив и го потенцираа Преспанскиот договор како извонредно достигнување, но, иако големо мнозинство од земјите членки сакале, „неколку земји“ не биле подготвени да дадат датум за преговори.

Туск порача дека двете земји не смее да се откажуваат и оти верува дека еден ден ќе бидат полноправни членки на ЕУ.

„На нашите македонски и албански пријатели им порачувам – ве молам не се откажувајте. Ја разбирам вашата фрустрација, но мора да разберете дека ЕУ е политичко тело и некогаш треба време, но немам дилеми дека еден ден ќе бидете полноправни членки на ЕУ“, додаде Туск.

Јункер, неколку пати во обраќањето недавањето датум за почеток на преговори го нарече „историска грешка“.

„Пред пет години,  реков дека во текот на петте години мој мандат нема да има нови проширувања. Многумина беа разочарани, но јасно беше дека нема напредок. А сепак се случи напредок. Вчера прашањето беше дали има кандидати за да почнат преговори и многу земји рекоа дека има кандидати што се целосно спремни. Тоа е тоа. И јас мислам дека беше историска грешка“, рече Јункер.

Во заклучоците од самитот на Европскиот Совет, поврзани со проширувањето на ЕУ, наведено е само дека прашањето за датум за С. Македонија и Албанија ќе биде разгледано повторно на Самитот ЕУ – Западен Балкан во мај следната година во Хрватска.