Истополовите парови од Хрватска може да поднесат барање за посвојување на деца

Даниел Мартиновиќ од здружението „Виножитно семејство“ изјавил дека одлуката на Управниот суд во Хрватска според која истополовите животни партнери можат да пристапат и да аплицираат како посвојувачи е историски момент, пренесува „N1

По битка која траеше 5 години, Управниот суд во Загреб одлучи дека парот Шегота-Кожиќ не смее да биде дискриминиран во постапката за проценување на посвојувачи бидејќи тие веќе склопиле животно партнерство.

„Оваа историска пресуда ги отвора вратите за сите геј и лезбијски парови во Хрватска, кои сакаат да станат посвојувачи, а истовремено потврдува дека животните партнери мораат да имаат еднакви права како и брачните партнери во сите постапки“, наведуваат од „Виножитно семејство“.

Парот Шегота-Кожиќ во 2016 година беа одбиени во процесот за посвојување бидејќи се во истополово животно партнерство. Откако нивното барање беше одбиено, тие го тужеа Министерството за демографија, семејство, млади и социјална политика. Судот пресуди во нивна корист, а Даниел Мартиновиќ од „Виножитно семејство“ објаснува дека оваа пресуда е важна бидејќи им дава право на истополовите животни партнери да можат да аплицираат за посвоувачи. Тој се надева дека Центарот за социјална заштита нема да ја игнорира пресудата и ќе постапи по законот и одлуката на надлежниот суд.

Според податоците од февруари 2021 година, во Хрватска 4439 деца живеат без родителска заштита, од кои 2133 живеат во домови, а 2306 кај посвојувачи.

„Сè уште ни е тешко да поверуваме дека доживеавме ваков расплет на ситуацијата. Очекувавме долга правна „Одисеја“ и спорови во Европскиот суд за човекови права. Но, Управниот суд во Загреб постапи разумно, почитувајќи го Уставот на Република Хрватска, меѓународната конвенција и нашите закони и пресуди во корист на нашите членови Младен Кожиќ и Иво Шегота. Многу сме среќни за оваа пресуда, не само поради Младен и Иво, туку и за сите други парови кои размислуваат за посвојување и сакаат на тој начин да го прошират своето семејство“, изјавил за медиумите претседателот на „Виножитно семејство“, Даниел Мартиновиќ.

Од здружението нагласуваат дека сега на потег е Министерството за труд и социјалната политика, за идните случаи да не се изложени на неправда.

„Ние веќе пет години повторуваме дека граѓанките и граѓаните на Република Хрватска не смеат да бидат дискриминирани поради својата сексуална ориентација или поради родовиот идентитет и сите мораат да имаат еднакви права. Уставот по ова прашање не може да биде појасен“, додал Мартиновиќ.