„Исмена“ – претстава за љубов, страв, одмазда, грев и чума

Монодрамата „Исмена“ е историска метафикција за сестрата на Антигона, создадена од театарската група во состав од режисерката Елеонора Теова, драматургот Катерина Момева, музичарот Сашко Костов и актерката Моника Ставревска.

Премиерата на „Исмена“ се одржа на 21 ноември на сцената „Петре Прличко“ во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес.

Постерот на претставата

Радио МОФ поразговара со драмската екипа на претставата околу процесот на подготвување драма за време на пандемија, искуството после долго време да се игра пред присутна публика, но и за ликот на Исмена, кој е целосно создаден од само неколку постоечки стихови.

Драматугот Катерина Момева вели дека „Исмена“ нема една тема водилка, туку се испреплетуваат повеќе теми – љубов, страв, одмазда, грев, чума, народ кој е под контрола на власт која се губи во пеколот на сопствените гревови – плаќаат за својата кралска крв.

„Боговите кои се најавторитарна власт никогаш не се појавуваат, тие се причина за страдања и личностите споменати во монодрамата ја носат нивната казна, ама не се знае точно кога и како несреќниот крај ќе се случи. Боговите ја спроведуваат својата моќ, а правдата ја нема. Нешто како денес и како секогаш. Моќта не одговара пред никого, страдањето е за немоќните, за слабите, за добрите или глупавите или……за чесните. Нешто многу како денес, како вчера и утре. Апсурдна деструкција на човештвото“, објаснува Момева.

Актерката Моника Ставревска

Таа вели дека во „Исмена“, повеќе се поставуваат прашања, отколку што се пласира дефиниција како одговор и флоскула.

„И ние се прашуваме, судиме, се каеме за пребрзите судови –во монодрамата низ мисла и дејствие; во претставата низ режисерскиот ракопис и естетика, актерската експресија и музиката како шести елемент на трагедијата според Аристотел. Го изразуваме нашиот уметнички светоглед преку ликот на Исмена, сестра на Антигона, ќерка на Едип и Јокаста. Софокле пишувал за неа преку очите на Антигона, многу малку десетици реченици…ни толку. И многу „Антигони“ се напишани од тогаш, а Исмена останала „Нема како гроб“ – реплика од Софокле. Сега таа се обидува да зборува иако никој не ја слуша…и ние го следиме процесот на нејзиното растење и отварање, како душа што треба да ја заврши својата приказна во вечноста, за која сакаме да веруваме дека постои“, додава Момева.

Актерката Моника Ставревска после долго време за првпат имала прилика да ја одигра својата улога во живо. Вели дека поради рестриктивните мерки, присустувале само 16 лица, па претставата се одиграла во интимна атмосфера.

Зборувајќи за процесот и креирањето на претставата, Ставревска дополнува дека пробите се состоеле од долги разговори, поставки, па и експериментална игра.

„Елеонора знаеше после долга и напорна проба, да не остави со Сашко да се изнаиграме како мали деца, со музика и дејство што во моментот не беа никако поврзани со претставата и со текстот. Ние си играме – таа скенира… И така се создаде една од сцените, нормално го смести во друг контекст, поврзан со дејството“, истакна таа.

Ставревска нагласува дека при „оживување“ на ликот на Исмена, немала информации за неа од антиката.

„За Исмена дознаваме од неколку реплики, кажани од нејзината сестра Антигона. Се останато е перцепција и фантазија на Катерина. Заедно со неа и режисерката правевме анализи, биографии. Разговаравме секоја од нас, што носи во себе, а е слично на ликот. Потоа следеше воочувањето, дека и не сме така различни од таа античка трагична хероина. Од тој момент, беше многу полесно. Мислам дека во секој од нас има по една Исмена, што излегува кога ни е страв од нешто и кога се чувствуваме осамени“, вели Ставревска.

Монодрамата „Исмена“ е театарски перформанс придржуен со музика. Монологот на Ставревска биле придружени со музиката на Сашко Костов, кој објаснува дека целата музика била изведена и компонирана во живот.

„За овој процес сфатив дека нема потреба да комплицирам со инструменти на сцена, како што јас знам, туку да земам клавијатура, микрофон и сето тоа да го наснимувам со лупер. Во разговори за време на пробите си дадов задача, дека музиката треба да ја води актерката, да ја вади и става од ситуација во ситуација, да ја “фрла” во непознатото и на боговите. Во еден сонг кој наликува на тажаленка, каде Исмена му пее на бебето пред смртта, со стиховите „Две неми птици, на дрво стојат, денови бројат, јадови ројат“ – потребен е ефективен дизајн кој од внатре, ќе излезе нанадвор. Покрај целата музика која е во претставата, важно ми беше да има еден главен мотив, кој ќе се повторува повеќе пати а никогаш да не се открие во целост, и да се развива постепено се до крајот на претставата, за на крајот да прерасне во Сонг кој го пее актерката и јас. Ефект кој има звук на Тинитус – зуење во ушите, кој се повторува повеќе пати и ја објаснува ситуацијата во која се наоѓа Исмена“, вели Костов.

Музичарот Сашко Костов

Режисерката Елеoнора Теова нагласува дека пандемијата влијаела на пролонгирање на процесот кој требало да започне во март, а започнал во октомври, дополнувајќи дека коронавирусот не влијаел на креативниот процес.

Теова вели дека уште при првото читање да монодрамата, таа знаела дека сака да го извади истата од рамката на класичниот антички стих, а музиката да биде партнер во текот на целата претстава.

„Од таму и почнав… И завршив со музичар на сцена, кој ја создаваше музиката со цел да биде коментар и поткрепа на дејството кое се случува. Таквиот хибрид најчесто се раѓа при самото поставување на претставата и само така е природен“, објаснува Теова.

Таа дополнува дека главната идеја за античката хероина „Исмена“ е дека таа не може да избега од споственото потекло и од вистината за себе.

„Таа има растроена потреба да ја сочува илузијата на секојдневието. Општествените механизми се непроменливо поставени за да ги уточнат границите во кои треба да се “изгради” човечката душа. Граници во кои индивидуата прави безмилосен компромис да опстане во константна состојба на себеказнување“, истакнува режисерката.

Непредвидливоста на ситуацијата го остава отворено прашањето дали „Исмена“ во брзо време повторно ќе може да се одигра пред публика.

И.С.