Ирците на референдум гласаат за промени во ригорозните одредби за абортус

Со почеток од 7 часот по локално време, па се до 22 часот, околу 3,2 милиони граѓани на Ирска денеска се изјаснуваат на референдум за промени на ригорозните одредби за абортусот. Околу 100.000 гласачи се нови, регистрирани пред референдумот.

Според сегашните законски решенија прекин на бременоста е дозволен само доколу таа го загрозува животот на мајката, но не и во случаи на силување, инцест или фатална абнормалност на плодот, јави Би-Би-Си.

За илегален абортус се предвидува затворска казна од 14 години.

Целосната забрана на аборусот е воведена со Осмиот амандман на Уставот на Ирска, усвоен во 1983 година, а прекин на бременоста кога е загрозен животот на трудницата е дозволен со измени донесени во 2013 година.

На денешниот рефередум Ирците треба да се изјаснат – дали се согласуваат да се укине Осмиот амандман. Доколку укинувањето биде одобрено, ирската Влада најави закон кој би овозможил абортус до 12-та недела од бременоста.

Поради забраната за абортус, илјадници Ирки секоја година вршат прекин на несаканата бременост во Велика Британија.