Иранките навиваа на фудбалски терени за прв пат по 40 години

Стотици Иранки гледаа домашен, професионален, фудбалски натпревар во Техеран за прв пат по 40 години, откако на сила стапии забраната за посета на стадиумите од страна на жени, пренесува „Си-Ен-Ен“.

На петстотини ирански жителки им беше дозволен пристап до стадиумот „Азади“ во Техеран, каде навивачките го проследија натпреварот на локалниот градски тим „Естеглал“ против тимот „Санат мес Керман“ од Керман.

Жените биле одделени од машките посетители на натпреварот, а влегле во стадионот преку одделен влез од паркингот, се вели во соопштението објавено на вебсајтот на Иранската фудбалска федерација.

Забраната Иранките да посетуваат спортски натпревари не е официјализирана преку закон, но почнала да се спроведува по Исламската револуција во 1979 година.

Овој фудбалски натпревар е првиот спортски настан кој бил посетен од фудбалски навивачки кои навивале за локални тимови, но на жените само во неколку наврати досега им било дозволено да ја прекршат забраната и да посетат национални спортски натпревари.

Оваа година, на Иранките им беше дозволено да ги проследат натпреварите на Иран во рамки на Светскиот куп во Катар.

Три години претходно, на илјадници жени им беше дозволено да присуствуваат на квалификациите на Светскиот куп, односно на натпреварот помеѓу Иран и Камбоџа во 2019 година, откако властите беа притиснати од бројни здруженија за човекови права, но и светското спортско тело, ФИФА.

Тогаш и ФИФА беше под голем притисок да го натера Иран да ја тргне забраната за посета на стадиумите за жени, поради смртта наСахар Кходајари, навивачка која се самозапали бидејќи не ѝ бил дозволен влез на фудбалски стадион во Техеран.

Наречена „Сина девојка“ поради бојата на дресот на нејзиниот омилен ирански фудбалски тим, Сахар Кходајари постхумно беше обвинета дека „јавно сторила грев“ бидеќи „се појавила во јавност без хиџаб“, кога се обидела да влезе во стадионот „облечена како маж“, се вели во извештајот на „Амнести интернешнл“.

Навивачките на натпреварот кои по 40 години влегоа на стадионите, меѓудругото скандирале и „Сина девојка“.