[Интервју] Војко В: Во целиот регион, во музичка смисла, постојат празнини кои ќе бидат пополнети од идни изведувачи и продуценти

„Vojko V dolazi bolje se pazi!“ Еден ден пред настапот на иновативниот хрватски рапер на „Таксират“, Радио МОФ имаше можност да поразговара со Војко за почетоците на неговата соло кариера и процесот на работа на неговиот соло албум.
За тоа како дојде идејата за рап песна во 7/8 такт, соработката со Тончи Хулиќ и Крешо Бенгалка и „tongue-in-cheek“ рапот прочитајте во интервјуто во продолжение.

Извадок од спотот „Ne može“

Публиката ве познава како дел од групите „Dječaci“ и „Kiša metaka“, а сега и како соло уметник. Кои беа причините за започнувањето на вашата соло-кариера?

Во еден момент увидов дека од тие групи, за жал, нема да бидне ништо и одлучив да си дадам уште една шанса на себеси да почнам да живеам од музика бидејќи сакам тоа да го работам.

На почетоците, во кој правец сакавте да се развиете како соло уметник?

Идејата за развивање ми беше магловита, исто како и сега. Никогаш не сум бил во состојба долгорочно да ги планирам работите, ниту пак да се придржувам на некакви планови. Како и секогаш досега, го правам она што ми е најзабавно во текот на денот.

Може ли да ми кажете нешто повеќе за процесот на работење на „Vojko”? Како дојдовте до одлуката во секоја песна поединечно да вметнете културни елементи од сите балкански земји?

Процесот на работа беше да седнам на компјутер и да ‘шкрапам’ идеи или некој со мене да седи во студио и заедно да ‘шкрапаме’ идеи, па ако нешто ни звучеше добро, продолжувавме со тоа. Голем дел од материјалот не го помина првичниот филтер на квалитет. Слабо сум информиран за културните елементи на балканските земји, само внесувам сè што ќе ми падне на памет во песната,  сè што звучи доволно добро.

Извадок од спотот „Moja lipa“

Како дојдовте до идејата за ритам во 7/8, како одлучивте да соработувате со Тончи Хулиќ и Крешо Бенгалка?

Кога бев дел од „Dječaci“ со нас во комбето имаше инструменталисти кои често слушаа прогресивен метал, кој многу често има неправилни ритмики. Во еден момент ми падна напамет дека нема причина да не се обидам да склопам рап на таков ритам. Тончи Хулиќ на почетокот го имавме семплувано, но моравме да побараме дозвола за семплот, па кога тој ја слушна песната ‘влезе’ со свои стихови и со својот „Хуљофон“.

Дали Балканот го прифаќа tongue-in-cheek рапот? Каква е состојбата во Хрватска, возможна ли е соработката помеѓу стилски различните изведувачи?

Балканот дефинитивно прифаќа рап со елементи на хумор, се разбира ако зад тој хумор има нешто конкретно, а не само „fart jokes“. Во целиов регион, во музичка смисла, постојат празнини кои ќе бидат пополнети од идни изведувачи и продуценти, освен ако повторно не избувне војна и не се вратиме на почетокот.

Колку далеку би отишле со експериментирање преку стилови и соработки, кое е за вас најлуцидното сценарио?

Ако на памет имате соработки со изведувачи од „полесни ноти“, моментално немам никаков интерес за тоа. Шегата е помалку смешна кога ќе ја кажеш по втор пат на потполно ист начин.

Дали моментално работите на нов проект? Што следно може да очекува публиката од вас?

Не сакам да зборувам за мои следни проекти бидејќи тоа публиката го сфаќа како ветување, а јас го мразам тоа.

Веќе ја запознавте македонската музика на “Д-фест„, па какви се вашите очекувања?

Очекувам конечно да пробам гравче-тавче и македонско вино за кое сум слушнал дека е одлично.

Ивана Смилевска