[Интервју] Владимир Блажевски: Слободата има цена, не те играат како режисер

„Булевар на револуцијата“, „Хај-фај“, „Џипси меџик“, „Големата вода“, како и „Панкот не е мртов“ се дел од познатите остварувања на кој работел и е автор македонскиот режисер и професор на Факултетот за драмски уметности, Владимир Блажевски. За своите филмови досега е наградуван на повеќе фестивали, меѓу кои и Златна арена во Пула и  Кристален глобус за најдобар филм, на филмскиот фестивал во Карлови Вари во Чешка.

Синоќа Блажевски зборуваше на предавањето „Наративната брзина и автентичноста на филмот“, организирано од Студентскиот парламент при ФДУ каде беше прикажан филмот „Собирачи на пердуви“. Во интервју за Радио МОФ направено по дискусијата, тој зборува за неговиот порив да им даде поддршка на студентите во борбата против лошите образовни реформи, но и за периодот кога почувствувал дека е „тргнат настрана од филмскиот еснаф“.

 Зошто токму „Собирачи на пердуви“ го избравте како пример за автентичен филм и колку денес може да се забележат филмови со автентична приказна, кај нас и пошироко?

Тој избор го направив бидејќи ова е еден од филмовите кои ја имаат одбележани мојата младост и уште пред да почнам да се занимавам или да студирам филм, и по студиите сум го гледал повеќепати. Тоа е еден од најуспешните бивши југословенски филмови, истовремено филм кој во себе има некаков жив и предизвикувачки полнеж, инспирација за младите. Чуден спој на нешто што е приземно, нешто грдо, многу валкано и автентично, а од друга страна доловува една поетска димензија, со нетипична нарација од останатите уметнички филмови.

Автентичноста пак, би требало да биде предуслов за игран наративен филм, не за експериментални филмови, за анимирани итн. Тоа е појдовна основа, а многу често филмовите ја немаат. Ако веќе треба да го врземе со македонската традиција мислам дека тоа е една болка од која што македонската традиција многу боледува, тоа што нема автентичност. Голем број македонски филмови немаат автентичност.

Како долгогодишен професор на државен факултет како ги оценувате новите реформи во високото образование? Имаат ли студентите ваша поддршка во нивната борба?

Мислам дека просто една од цивилизациските константи или дострели, кои грдо е и неубаво да се нарушуваат, е таа автономија на академизмот. Тоа е нешто за што тие природно почувствуваа потреба да дигнат свој глас, и не само тоа туку и за ред други работи, како на пример фабрикување на некакво образование, дипломи… Има многу работи коишто бодат очи и многу се тангентни за секој нормален човек. Мислам дека тие го направија сосема автономно без влијание од постоечки сили или некакви моќници и тоа беше она што фасцинираше. Тотално ја покажаа својата зрелост и дистанцираност во однос на оваа грда политика која кај нас владее. Како светла точка во нашиот политички заматен простор.

„Панкот не е мртов“ е снимен со релативно мал буџет и успеавте на некој начин герилски да ги ставите актерската глума и кадри во некаков контекст што  доби многу позитивни критики. Меѓутоа, би рекла дека странската публика повеќе се израдува на филмот, отколку домашната. Колку е ова точно?

Да, во странство се прикажуваше доста, во фестивали се прикажуваше многу и имаше добар прием, но не би рекол дека овде имал недоволен прием. Друго мене ме чуди, тоа што филмот ниеднаш не е прикажан на македонска телевизија. Продаден е во сите екс ју земји и разни други земји, сите го имаат прикажано, хрватска, словенечка, српска, босанска, а во Македонија не. Тоа ми е нешто што ме прави.. не дека плачам сега за тоа, но можеби тоа има некаква врска со тоа што ме прашавте. Како да почувствував некоја стратегија на преќутување.

Со „Булевар на револуцијата“ направивте пауза која траеше цели 17 години. Што се случуваше во тој период со вашето творење?

Бев тотално маргинализиран, тргнат настрана. Тоа е тоа време на транзиција.

Зошто ве тргнале на страна?

Па не знам, јас не сум човек што се приспособува и што знае да игра игри. Веројатно и тоа има влијание, да речеме условно моја вина. Јас сум човек што сака да си има своја слобода, е сега за да имаш слобода има цена, не те играат. Ако не си ни со овие, ни со оние. Јас на пример никогаш не сум бил член на некоја партија, ниту во комунизмот не сум бил во тој сојуз. Тоа си го сметам како некаков свој луксуз. Па, сега сакаш да си слободен брат…, ќе си платиш цена. Ќе те тормозат, ќе те пикнат во маргина, како моиве ликови од „Панкот“, ќе бидеш џган, а не некој што по весници ќе го влечкаат.

Долго време чекавте да се реализираат сценаријата за „Џипси Меџик“ и „Панкот“. Еднаш изјавивте дека борбата за нивна реализација била неубава и исполнета со сопки. На какви сопки мислевте?

Некако беше спремно за реализација и уште во времето на осумдесетите, тоа требаше да биде прв мој филм, пред „Хај Фај“ и во 85-та, уште беше што викаме комунизмот, некако влегов во програма, но поради некакви цензорски мислам причини, проектот се разводени, се стопира. Тогаш Вардар филм како компензација ми понуди да правам нешто по изборот на Горан Стефаноски, го одбрав „Хај Фај“. Со Горан сме пријатели и некако се сплоти без некоја голема штета по мене, иако искрено како автор жалам што јас не го правев тој филм во времето кога го направив сценариото. После кога Столе Попов реши да го прави, јас тогаш работев на адаптација, бидејќи поминаа речиси десет години и требаше да се модифицира, и сепак како да има една доза на жалење, бидејќи тоа ми беше драго сценарио.

Финансирањето на филмовите од страна на Фондот постојано е на мета на критики, поточно за неправилностите околу тоа дека некои проекти се подобро платени, од други. Кој е вашиот став за тоа?

Јас немам право да критикувам, бидејќи прифаќањето и изборот на „Панкот не е мртов“ во тогашниот Фонд беше потполно илегално, ние легално не поминавме, туку илегално со интервенција на тогашниот директор Дејан Илиев, потполно панкерски. Ние не заслуживме ни толку да ни дадат, ние сме шверцана роба. Нашиот проект во тие услови беше одбиен, не го сакаа. Така што тоа што ми дадоа малку пари го доживував како „ќути сеа, не се прави мангуп, ти така си се прошверцал“…

Е.П.

Фото: Бранко Аврамовски