Мирко Попов, ПМГ Колектив: Лесно е да опстанеш 20 години кога го правиш тоа што го сакаш

ПМГ Колектив е име кое е добро познато на македонската публика, а синоќа прославија 20 години од нивното формирање, како и 10 години од првиот концерт. По тој повод во клубот Менада ги промовираа монографијата и компилацијата „20 години те сакам“. Во интервју за Радио МОФ, Мирко Попов од ПМГ зборува за опстанокот на колективот на сцената низ годините, за клубовите некогаш, но и за полетот со кој се уште творат и ја движат сцената нанапред.

Деновиве славите 20 години од постоењето. Чија беше идејата и како се создаде ПМГКолектив?

ПМГ Колектив како формација и идеја е само продолжение на она што во средината на 90-тите го работеше Канал 103. Тогаш бевме екипа од неколку луѓе кои организиравме настани. Кога излеговме од Канал 103 мораше да се смисли некое друго име. Работевме на некакви „културни интервенции“, пред сé забави, и моравме да смислиме име, па се сетивме на ПМГ – Прогресивна мултимедијална група.

ПМГ Колектив го формиравме јас и Александар Малевски, скопски диск џокеј од постарата генерација кој многу одамна не е активен. Целата приказна околуПМГ беше да се продолжи оној континуитет кој го имавме како Канал 103, и едноставно да се интервенира против нашето незадоволство од културната понуда во нашиот град, а потоа и во нашата земја. Правевме работи кои сметавме дека треба да се направат, и организиравме настани кои според нас требаше да се случуваат. И еве, веќе 20 години успеваме во континуитет, ден за ден, да бидеме присутни на сцената на најразлични начини.

20 години на сцената се прилично долго патување. Би можело да се каже дека и покрај новите ликови на сцената и музички трендови, вие останавте како некоја константа. Како успеавте да опстанете толку време?

Нашиот план, нашата идеја и желба да го правиме ова е суштинска. Мошне сме сериозни кон она што го работиме и отсекогаш сме сакале тоа да го правиме. Едноставно сами себе се поставивме во оваа позиција и  беше многу едноставно да опстанеме 20 години кога го правиме она што го сакаме. Освен забава за нас и за еден поширок круг на луѓе во овој град, успеавме да направиме и професија од тоа. Денес правиме музика затоа што сега веќе мораме.

Какви беа почетоците и првите настапи во едно поинакво Скопје?

Тоа Скопје во средината на 90-тите беше сепак многу посиромашно, многу попразно Скопје, Скопје во кое имаше многу повеќе простор за делување. Имаше помалку конкуренција, помалку луѓе кои воопшто беа заинтересирани да се бават со ваква алтернативна, прогресивна култура. Многу малку луѓе воопшто знаеја дека ваква музика постои. Од една страна, може да се каже дека беше многу лесно, бидејќи можевме да измислуваме нови работи и да правиме што сакаме. Но, од друга страна, поради тоа што многу малку луѓе разбираа која е потребата од сето ова, тоа беа некои пионерски потези. Не само во однос на публиката, која не беше запознаена со тоа што ние го правиме, туку и во однос на оние луѓе кои се релевантни во однос на тоа каде ние ги изведувавме нашите „акции“. Во тоа време, претежно правевме журки, и оние кои ги држеа клубовите навистина немаа поим што е тоа техно музика. Тоа за нив беше прилично ново, чудно, дури и сомнително.

Каде излегуваа младите во Скопје и кои беа култни места тогаш?

ПМГ своите први журки ги направи во дикотеката во поранешно МНТ, денес МОБ. Имаше голем клуб и таму се случија нашите први журки. Често организиравме настани и во Менада, која тогаш имаше поразлична постава од денес и работеше како клуб. Метропол беше исто така многу значајно место во 90-тите, па дури и би го издвоил како можеби едно од круцијалните места на скопскиот урбан фолклор во 90-тите. Таму се случуваа најесенцијалните и најлудите журки на ПМГ во 90-тите, па и подоцна. Вреди да се спомне и Еквадро, кој иако беше бар, беше култно собиралиште во средината на таа деценија.

Има ли голема разлика оттогаш до денес? Колку публиката и сцената се променети во меѓувреме?

Има огромна разлика. Скопје во 90-тите сé уште беше повоен град. Да не се враќам пак во 80-тите, кога ништо не се случуваше и градот беше мрачен. Наредната деценија културниот живот зеде замав. Мислам дека ПМГ беше доста важен во тоа и инспирираше доста луѓе да прават нови работи.

Денес Скопје е град во кој можете да излезете и да бирате каде ќе излегувате. Има разна музичка и поширока културна понуда, и места на кои можете да се социјализирате со интересни луѓе слични на вас. Можете да бирате настани и на дневна база, дури и да бидете „spoiled for choice“, што би рекле Англичаните. Тогаш немаше многу избор, имаше две места или настани неделно каде можеше да излезеш и нешто да доживееш.

Деновиве ја издадовте и монографијата за ПМГ Колектив. Кој работеше на неа и што содржи?

Монографијата излезе како некоја книга исполнета со емоции, како наш споменар. Наши соработници и другари, некои од сите тие луѓе кои поминаа низ ПМГ низ времето и со кои сé уште се дружиме и соработуваме, еднаш спомнаа дека не е лоша идеја тоа да биде одбележано на еден посериозен начин. Да се одбележи оваа 20 годишнина и да имаме за неа нешто материјално и опипливо, што ќе го држиме во рака.

Монографијата ја работевме јас и Ника Гавровска, а многумина кои поминаа низ ПМГ учествуваа на разни начини, дадоа свои фотографии и идеи. ЦД-то е исто така дел од монографијата, а содржи еден куп необјавени и ретки траки направени од разни комбинации на луѓе кои се дел од ПМГ, но правеле секаква музика низ годините.

Пред 10 години го одржавте првиот концерт.Колку создавањето авторска музика беше предизвик за вас?

Тоа беше можеби и главниот предизвик, главната иницијална каписла зошто ПМГ постои. Морам ова да го поврзам со моите првични фасцинации со музиката, уште како дете од седум, осум години. Желбата да се занимавам со музика беше тоа што ме туркаше сите тие години, да почнам да колекционирам музика, а потоа и да се реализирам како диџеј во почетокот на 90-тите години.

Целата таа формација наречена ПМГ Колектив, сé тоа беше всушност направено за да дојде до тоа ние да имаме наша авторска музика на крајот на 90-тите. Многу од песните од тоа време, кои се некаков експеримент, мешавина на хаус, техно и електро се најдоа токму на компилацијата која ја промовиравме заедно со монографијата. Најважна е потребата да се прави авторска музика и преку неа да се кажат некои работи кои сакаме да ги кажеме. Тоа беше главниот „drive“ за сево ова да се случи.

Во изминатата „студентска пролет“, вие бевте меѓу оние јавни личности кои покажаа поддршка кон студентите и средношколците. Зошто застанавте на нивна страна?

Јас не размислував за тоа која страна да ја одберам, туку таа одамна ме има одбрано мене. Секогаш ќе ги поддржувам пред сé младите, студентите и прогресивната младина, кои секогаш имаат потреба, помалку или повеќе, а во последно време многу повеќе, да се борат против ова морбидно, труло и корумпирано општество. Тоа општество не само што не се грижи за нив, туку напротив, место да им помогне и да им создаде услови да се развиваат во напредни и паметни луѓе кои потоа ќе придонесат за развој на ова општество, буквално ги турка до ѕид и им ги уништува можностите да се развиваат овде. Бев пресреќен кога видов дека студентите толку организирано и успешно се бунат против ова општество и оваа номенклатура, која во моментов е на власт. Секогаш ќе бидат на таа страна. Свиревме за студентите за време на окупацијата, а на 10 декември ќе свириме повторно пред платото.

Се надевам дека ќе продолжат понатаму и дека ја научија лекцијата, дека и покрај успехот кој го постигнаа изминатава година, тој успех е моментален и дека било кој од тие идиоти на власт нема да стојат на тоа што го кажуваат и секогаш ќе имаат потреба од понатамошен притисок. Тие треба да создадат движење кое ќе продолжи да им пркоси на властите, не само на оваа, туку и на било која друга власт.

Каков е твојот став за електронската музика денес? Во кој правец ќе се развива и дали сé уште има простор за експериментирање?

Електронската музика е веќе доста развиена. Сите нови правци, идеи и технологија во музиката доведоа до експлозија и популаризација на електронската музика. Сега е толку проширена и популарна и самите орудија за работа се достапни и демократизирани, што секој може да стигне до нив и да ги користи. Мислам дека нови музички стилови, барем според мене, нема да има, но самото тоа што секој може да произведува музика бидејќи технологијата е електронска, ќе доведе до ново движење. Сега сите можат да влијаат непосредно на музиката, и тоа ќе доведе до нова музичка револуција. Не можам да замислам каква ќе биде, но се надевам дека ќе ја доживеам.

После две децении, имате ли сé уште енергија да создавате музика? Што може да очекуваме наредно од ПМГ Колектив?

Мене ми се чини дека енергијата сега е на највисоко можно ниво. Никогаш не сме чувствувале поголема потентност од сега. Стигнавме до степен кога сите желби, идеи и соништа од минатото сме способни да ги реализираме. Самата моќ да ги исполнуваме нашите замисли носи некоја супер енергија која ја чувствувам и јас, и сите кои работат со мене. Целата таа креативност во моментов е на врвот.

Јас живеам во некоја шизофренија од проекти, кои константно се реализираат, без разлика дали се песни, албуми, забави или изданија под етикетата на PMG Recordings. Досега имаме стигнато до 130 изданија. Би рекол дека се случуваат дури и премногу работи. Во следниов период се надевам дека ќе бидеме поорганизирани и ќе успееме да реализираме еден тон проекти и секогаш ќе има нешто ново. Веќе влеговме во студио и размислуваме за новиот албум. Се надевам дека нема да ве оставиме на мир ни во наредната година, ни деценија, ни што е можно подолго.

Стефанија Тенекеџиева