[Интервју] Мифонви Никсон: Доаѓаат нови генерации политичари за кои интернетот и отчетноста е нормална работа

„И ние имавме скандал со трошоци на пратениците. Ги објавивме податоците, медиумите известуваа, пратениците мораа да дебатираат за тоа, се променија законите и нема повеќе пари за шанци за патки“, вели за Радио МОФ Мифонви Никсон, давајќи пример од британската политичка сцена за неодговорно трошење јавни пари од страна на функционер.

Никсон е комуникациски менаџер на MySociety, хуманитарна организација од Велика Британија која нуди дигитални алатки преку кои граѓаните добиваат информации и надзор врз работата на нивните власти.

Таа беше еден од говорниците на ENGAGE конференцијата за друштвен активизам, а нејзиното присуство го искористивме да поразговараме за предизвиците на демократијата во дигиталната ера, проблемот со лажните вести на социјалните мрежи и алатките преку кои граѓаните можат да ги натераат политичарите на поголема отчетност и одговорност.

Вашиот говор на ENGAGE беше насловен „Политичарите работат за вас, а не вие за нив – па како да ги натераме на одговорност?“. Имате ли одговор на ова прашање?

Постојат повеќе одговори на ова прашање, но ние во MySociety користиме технологија и онлајн алатки кои им овозможуваат на обичните граѓани да добијат информации за она што го прават нивните политичари. Често кажуваме дека „политичарите работат за вас – вие сте шефот“, но како би биле ефикасен шеф, доколку не знаете што прават вашите политичари? Првиот чекор за нас беше да се осигураме дека сите тие информации се лесно достапни на интернет. Објавуваме сè што се случува во парламентот, ги објавуваме мејловите на политичарите за да можеме да стапиме во контакт со нив и да им кажеме доколку не ни се допаѓа нивниот став за некоја тема, или начинот на кој гласале по одредено прашање. Сметам дека доколку политичарите видат дека голем број луѓе им порачуваат дека не се сложуваат со некоја нивна одлука, тие ќе го променат нивното однесување.

Една од идеите на кои е основана вашата организација е и истражувањето на демократскиот потенцијал на интернетот. Колкав е потенцијалот на интернетот денес, во време кога светот се соочува со проблемот на дезинформации и лажни вести онлајн?

Станува очигледно дека е сè поважно да се објавуваат информации за одлуките на политичарите или гласовите на пратениците и доколку тие информации покажуваат дека не сте пристрасни, туку едноставно ја објавувате вистината, тоа е единствениот начин за да бидете доверлив извор. Не е важно што „лажните вести“ можат да ги спинуваат вестите во еден или друг правец, но, доколку се вратите до вистинскиот извор тогаш тоа не може да се спори. Од почетокот на MySociety се создадоа уште многу други организации кои, слично како и ние, ја користат технологијата. Постои цело поле наречено „граѓанска технологија“ (civic technology), со цел да им даде моќ на граѓаните да имаат поактивна улога во демократијата. Постои и огромно поле на интернет субјекти кои се занимаваат со проверка на факти, каде одредена вест, за која не сте сигурни дека е лажна или вистинита, можете да ја испратите дури и на автоматски софтвер кој веднаш ќе ја спореди со други вести за кои се знае дека се лажни или вистинити и веднаш добивате одговор. Овие времиња се навистина тешки, но технологијата многу напорно се обидува да одржува баланс и да обезбеди граѓаните да имаат контрола.

Дали решението за злоупотребата на интернет просторот лежи во алатките, како вашата, која обработува исклучиво факти?

Можеме само да се надеваме дека е така. Постојат многу интелигентни умови во сферата на „граѓанската технологија“. За жал постојат и многу интелигентни умови кои се борат против тоа, па често тоа може да изгледа како некаква битка. Доволно е само да отворите Фејсбук и веднаш да забележите луѓе кои веруваат на најразлични бесмислици и во тие моменти помислувам дека единствено што може да направите е да ги разоткривате и да посочувате кон вистинските извори.

Како ги едуциравте граѓаните на Велика Британија за користењето на алатките?

Дури и денес, сфаќаме дека немаме доволно широк досег колку што сакаме. Доста истражуваме околу тоа кој ги користи нашите податоци и за жал секогаш откривавме дека луѓето кои најмногу ги користат нашите интернет-страници, се всушност луѓето кои се ангажирани и веќе имаат доста добри познавања за политиката. Сакаме да стигнеме до поголема – помлада, посиромашна и помалку образована публика. Но, на одреден начин, социјалните мрежи го прават тоа за нас. Луѓето кои знаат за нашите интернет-страни се активни на Твитер и Фејсбук во посочувањето на други луѓе на начин: „Знаеш дека тоа е лажна вест, можеш да провериш на овој линк што е вистина“.

Во теоријата, политичарите во оваа дигитална ера би требало да бидат многу подостапни до граѓаните. Но впечатокот е дека во реалноста тоа не е така?

Пратениците имаат многу различни функции – прават закони, треба да бидат меѓу нивните гласачи и да примаат барања, а истовремено имаат и доста истражување. Тоа одзема многу време и мислам дека многу пратеници си мислат дека решението за тоа е да се направиш што е можно понедостапен. „Знам дека постои Твитер, но не можам да учествувам во уште една преписка бидејќи тоа ми одзема многу драгоцено време“. Тоа е мана на демократијата и не сум сигурна колку можеме да го поправаме тоа, бидејќи политичарите имаат само 24 часа во текот на денот. Иако, можеме да видиме примери кога некои навистина добри политичари со задоволство ја прифаќаат ефикасноста кои социјалните медиуми им ја нудат, со тоа што многу полесно е да се вклучите на Твитер и да решите нечиј проблем или да го упатите кон одреден веб-сајт кој може да му помогне, отколку да се среќавате лично. Како целото општество и политичарите се навикнуваат на она што може технологијата да им го пружи. За некои тоа е тешка задача, но доаѓаат нови генерации за кои интернетот и социјалните медиуми се сосема нормална работа.

Од вашето искуство, колку овие дигитални алатки се универзално применливи, со оглед на разликите во политичките системи и култури од држава во држава?

Во одреден момент сфативме дека низ светот постојат слични организации на нашата, кои се мачат да програмираат сопствени платформи, што нам ни изгледаше непотребно бидејќи ние веќе го имаме напишано тој програмски код. Затоа нашата програма ја направивме отворена за сите. Одредени работи, како барањата за информации од јавен карактер, се лесни за копирање во било која светска земја, поради сличноста на процесите, но кога се работи за парламентите тие се многу различни. Секако одредени држави се демократии, додека други не. Имаат различни процедури, хиерархија… па алатките како нашата не можат да се применат. Затоа обезбедуваме основни податоци за сите политичари кои граѓаните можат да ги користат, а програмирањето го оставаме на експерти за нивните парламенти, кои имаат подобри познавања од нас.

И во Македонија имаше јавен револт за трошењето јавни пари од страна на пратеници, но и од други државни функционери. Кој е вашиот совет за поголема транспарентност, одговорност и отчетност на функционерите?

Скандал со трошоците имавме и во Британија. Најекстремниот пример, за кој уште се зборува, беше оној на пратеник кој пријавил трошоци за шанец, каков што користеле за оградување на средновековните дворци, за куќичката на неговото домашно милениче – патка. Една од работите кои ги правиме од тогаш е објава на сите трошоци на пратениците, па секој може да погледне на што трошел јавни пари пратеникот од неговиот град. И бидејќи тоа стана скандал, медиумите ја презедоа темата и мораше за тоа да се дебатира во парламентот, па се воведоа нови закони во парламентот за тоа што сè може да пријавува како трошок пратеникот. Па, повеќе нема шанци за патки. Никогаш нема идеална ситуација, за жал луѓето кои се на власт често стануваат корумпирани и тоа е во човековата природа.

Каде сметате дека лежи вината за овој процеп помеѓу интересот на политичарите и интересот на граѓаните?

Политичарите се исто така луѓе. Некои се добри, некои се лоши. Интересно е да се погледне помладата генерација. Пред некое време имав прилика да разговарам со млада пратеничка од Франција, каде се случува одредена револуција во парламентот со многу млади политичари кои се постојано онлајн. И тие се навикнати на отчетност. Пратеничката ги објавува на интернет сите свои трошоци, сите нејзини состаноци. Можете да најдете каде се наоѓа во секое време, можете да и поставите прашање во секое време. Мислам дека политичарите почнуваат да сфаќаат дека мораат да бидат потранспарентни и поотчетни. А за тоа каде лежи вината – тешко е да се каже. Мислам дека демократијата генерално е многу добра идеја, но кога ќе почнеме да ја разгледуваме низ поединечните случаи често забележуваме многу грешки. Можеби во ова време на технологијата треба да ги преиспитаме тие грешки и да ги поправиме.

Даниел Евросимоски