[Интервју] Gargoyles – музика за вонземјански инвазии, пост-апокалиптични киборзи и острење секири

Gargoyles е скопски метал бенд, составен од Мартин, Стефан и Иво. На 3 октомври, во рамки на De:sonanz фестивалот, го промовираат својот прв албум. Во интервју со Радио МОФ, зборуваaт за албумот и метал сцената во Македонија.

На 3 октомври го промовирате својот деби албум. Досега имате објавено две песни кои се најдоа на албумот, а за нив има генерално позитивни критики. Кои се вашите очекувања, ќе ја оправдате ли довербата на фановите?

Очекувањата ни се пред сè, промоцијата да пројде во најдобар ред за сите кои се вклучени во неа. Тоа подразбира за нас, бендовите гости, публиката и за луѓето во организација. Тоа ни е моменталниот приоритет.

Каква тематика обработуваат песните кои се најдоа на вашиот прв албум?

За составувањето на текстовите секогаш се водиме од динамиката на песни. Гледаме да ни да соодветствуваат со музиката и да прават целина. Темите ни се за вонземјански инвазии, пост-апокалиптични киборзи, склучување договори со демони, острење секири… металски теми.

Како настанаа Gargoyles, чија беше идејата за формирање на бендот?

Бендот се оформи спонтано, другарски. Останатите наши бендови делеа иста гаража, па при заедничко свирење кавери измеѓу термини за проби, најдовме звук кој ни одговараше. По некое време свирење кавери, почнавме да правиме и авторски песни. Природно дојде и прва клупска свирка, а после пар години стигнавме и до снимање на албум.

Сите тројца членови на бендот имате претходно искуство со други бендови. Имаше ли голема жанровска „транзиција“ од она што претходно сте го свиреле, или Gargoyles е продолжение на претходното музичко искуство кое го имате?

Сите членови делиме вкус во основните метал жанрови, а секое искуство со другите наши бендови само помагаше во изведбата и комуницирањето при создавање на песни и другите елементи околу нив.

Зошто токму Gargoyles? Од каде идејата за името?

Гаргоилите се постојано камен направени.

Од каде ги црпите мотивите за музиката која ја творите?

Од стари и нови метал и рок албуми од најразлични поджанрови, од стари и нови филмови и ТВ серии и приказни од светот.

Што сè се најде во албумот? Кој работеше на него, каде е снимен?

Албумот има 8 песни и е во траење од 37 минути. Снимен во текот на летото 2016 во студиото „Алшар“ на Ивица Јанкуловски – Штраф. Тој е заслужен за снимањето, миксот и мастерингот. Цртежите на самиот буклет на албумот, омотот како и постерот за промоцијата се дело на Душко Младеновски – Дукса. Како гостин гитарист на една песна се најде и Матеј Јошевски (Spewn, Stagnator).

Како би го опишале она што го творите со неколку зборови, што е вашата музика за вас?

Метал од ќеиф.

Има ли Македонија публика за метал? Живее ли сè уште алтернативната сцена кај нас?

Од нашата гледна точка, има металци во парк и на свирки и со секоја наредна година некои исчезнуваат и нови доаѓаат на нивно место, така што сцената била тука и ќе остане тука.

Колку е тешко (или лесно) за еден нов бенд да се пробие на сцената?

Тешко е ако членовите не го шират зборот помеѓу луѓе, но со помош на интернетот и тоа е олеснето за новите бендови.

Што после промоцијата? Планирате ли концерти и нареден албум?

Ништо немаме испланирано, но не се знае што може да понуди иднината, затоа бидете „на штрек“ за новости околу Gargoyles и бендовите што се во нивниот округ.

Стефанија Тенекеџиева