[Интервју] „Football Frame“: Фудбалот е неискористена алатка за социјална промена

Јане Иваноски е доктор и фудбалер. Марко Арсовски е професор по физичко во средно училиште. Но, тој е и фудбалер и фудбалски тренер за младински категории, исто како и Александар Арсовски. На овие тројца пријатели денот им е исполнет со фудбал, независно дали се тоа тренинзи, или истражувања за фудбал. Затоа тргнале да ја создадат „Football Frame“, дигитална платформа за промоција на здрави животни стилови, која е една од победничките идеи на напреварот на „АРНО“ преку прoграмата RISE – Регионален инкубатор за социјални претприемачи.

„Ние сме постојано изложени на фудбал. Дури и кога не сме директно вклучени, тркаламе виртуелна топка на секој чекор“, вели низ смеа Јане, дел од тимот.

Освен што дечките се страсни љубители на фудбалот, сега сакаат да го истористат како алатка за општествена промена и да зборуваат за теми како здравје, едукација, родова рамноправност.

На прашањето што е „Football Frame“, Јане одговара со прашање: „Што е последното што сте го слушнале за фудбал?“. Тоа е прашањето што го поставиле и на жирито на натпреварот. Така им почнала презентацијата.

„И најдоброто за ова прашање, е тоа што функционира без разлика дали сте љубители на фудбалот и спортот. Го поставивме на стотина (лица) од околината. Марко, внук ми од девет години, слушнал дека Барселона изгубила 2:0. Друго девојче со име Мелани на 13 години – слушнала дека изгубил Интер. Воопшто не е изненадувачки што одговорите беа слични. Во овој миг, ако одиш на агрегатор на вести и во секцијата за спорт – ќе ги најдеш истите одговори. Или се резултати, или се трансфер новости, или таблоидни вести, или сува информација што не дава суштина. Тоа сакаме да го промениме. Ако тоа е фудбалот и спортот, ние имаме голем проблем во општеството“, нагласува Јане.

Во општество опседнато со компетитивност, вели тој, неслучајно фудбалот престанува да биде тоа што е – игра. И неслучајно фудбалските игралишта се празни. Од друга страна, тоа се пресликува и на општествено ниво во поглед на здравје, физичка активност и дружење. Исто така, нагласува Јане, компаниите недоволно го користат фудбалот како социјална активност. За градење кохезија во тимот.

„Како тоа би го промениле? Сакаме да понудиме дигитални содржини на веб-сајт и социјални медиуми кои ќе бидат едукативни и забавни. Младите ќе можат да дојдат, да коментираат, заедно да ја ко-креираме содржината. Да направиме некое чувство на заедница. Но, не е (само) поентата на дигиталното. Ние би биле противречни ако речеме ‘тренирајте фудбал, а гледајте не’ нас на интернет’. Ќе ги инспирираме да се вклучат и во офлајн настани“, објаснува Јане.

Планираат тоа да го поттикнат преку т.н. „отворени фудбалски денови“ и различни турнири. Исто така, кај компаниите сакаат да го освежат пакетот за „тим билдинг“, вметнувајќи фудбалски активности.

„Ќе понудиме совети и насоки и за тие што се веќе вклучени во фудбалските активности. Односно, за активните фудбалери – олеснет пристап до т.н. ‘vocational skills’ (едукација за стручни вештини), за да имаат посигурен живот по завршетокот на кариерата. Фудбалот има толкав голем потенција. Фудбалот е неискористена алатка за социјална промена, тоа е неверојатно!“, забележува тој.

Пример, во поглед на родовата еднаквост, би организирале настан каде ќе играат машки и девојчиња. Ќе се признае само оној гол што ќе биде по асистенција на девојче, или пак девојче да го даде првиот гол.

„После тоа, пример, да нема судија, меѓусебно да се решаваат конфликтите. На крајот, освен головите ќе се доделуваат и фер поени, па така ќе се сумира кој победил. Може со мали, суптилни промени во правилата на фудбалската игра да се поттикне развој на различни човечки доблести. Играта да се користи за повисоки цели. Истовремено, сакаме да ја покренеме свеста и за здравјето на децата и младите општо“, потенцира Јане.

Наишле светски податоци дека 10-20% од младите се зафатени со проблеми со ментално здравје. Од Светската здравствена организација, пак, податоци покажуват дека речиси едно од пет е со прекумерна телесна тежина или е обезно.

„Децата немаат социјална анимација и насоки како да се рекреираат. Тоа е едната страна во општеството, а за другата најдовме дека има 14.000 активно вклучени фудбалери во Македонија“, потенцира Јане.

Други изненадувачки податоци, дополнува тој, покажуваат дека помалку од 1%  успеваат да станат професионалци. Ако тоа се спореди со процентот на фудбалери кои доволно заработиле во нивната кариера за потоа да живеат удобен живота, процентот е уште попоразувачки.

„Проблемот со фудбалерите и спортистите општо, не само во нашата држава, е што немаат други вештини. Тие ќе ја завршат кариерата и нема на што да се потпрат понатаму, да си обезбедат сигурен живот за себе и фамилијата. Тоа треба да се промени“, нагласува Јане.

На крајот, со ведрина зборува за нивната идеја, дури и скромно, велејќи се почетници во сето ова… Се присетува дека дури и наивно влегле во приказната, но од „АРНО“ добиле поддршка, искуство, имале и менторски и експертски сесии.

Односно, од „учење во од“, стартувајќи од почетна идеја, успеале да ја развијат во одлична приказна.

„Ние на овие теми меѓусебно зборувавме долго време, а сега добивме можност да го споделиме со пошироката јавност. Нас не’ изненади победата. Иако, не сакам да кажам дека победивме, затоа што не чувствувам дека останатите тимови изгубија. Затоа што мислам дека сите тие, посебно од вас медиумите, ќе добијат можност да си ја раскажат својата прекрасна идеја за убава промена во општеството“, констатира Јане.

Бојан Шашевски