[Интервју] Душко Стојановски: Нашето образование ги троши учениците и професорите

Професорот Душко Стојановски е автор на средношколската претстава „Образование?! Абе ајде!“, чија премиера се одржа пред неколку дена во скопската гимназија „Орце Николов“.  Претставата во фокусот го има образованието на средношколците, што беше повод волонтерите-средношколци на Радио МОФ да напишат неколку текстови за процесот на подготвување на претставата, но и за проблематиката која таа ја разработува. Во серијалот текстови го објавуваме и интервјуто со професорот Стојановски.

Од каде се роди идејата за оваа претстава?

Со учениците многу поубаво се запознаваш кога работиш некои неформални работи, отколку кога работиш формални. Оваа драмска секција од почетокот на годината се склопуваше, сама се бистреше и се формираше група на ученици полни со енергија, желба да направат нешто. И направивме вежби да видиме како тие се однесуваат на сцена, дали знаат да ги трансформираат зборовите, да покажат дека зад секој збор постои содржина, да ја доловат емоцијата што ја носи некој збор. Работејќи на сето тоа се покажа дека нивната енергија треба да се трансформира во нешто. И направивме претстава. Ја нарековме пастиж-претстава, различни делови извадени од дела, онакви какви што им се мили на оние што си ги избрале актерите и на тој начин од тие делови се склопи нешто. Тука се истакна нивниот ентузијазам, желба и активност, направивме една целина со која сакавме да посочиме некои сериозни проблеми што образование не сака да им посвети внимание.

Што сакавте да прикажете со оваа претстава?

Забораваме дека во образованието е многу важно да го запознаеме ученикот, да му помогнеме да ги отстрани лошите страни, а да ги подобри добрите страни, да му помогнеме да созрева, да му помогнеме да најде начин зошто и како ќе учи, што треба да учи, односно да го гледаме како личност. Да видиме дека ученикот е средиштето на овој процес наречен образование. Тој не е ниту обичен број, ниту лекциите се поважни од него. Лекциите му се важни на ученикот, онолку колку што му се важни и на професорот. Професорот треба да согледа важни работи за ученикот, да го види како човек. Тоа сакавме да го поставиме како средиште околу кое ќе се врти претставата, трагање по образование кое што ќе помага да се создадат зрели личности коишто ќе знаат да кажат, коишто нема да се плашат да кажат, коишто ќе се способни да функционираат самосвесно, а не да бидат обични послушници коишто нема никогаш ништо да речат.

Какво е нашето образование според Вас, а какво треба да биде? 

Нашето образование, според мене е трошење на енергијата на оние кои работат како професори, а особено на учениците. Навистина многу ги трошиме учениците, ги оптоваруваме со многу податоци и информации, а не гледаме дека главно нема резултат од сето тоа, бидејќи тоа се информации кои се забораваат и нормално е да се забораваат, Наместо да се обидеме да одбереме информации важни за определен предмет, коишто ќе помогнат да го доловиме предметот, ученикот (треба) да ги согледа значајните нешта за тој предмет, за него како човек и за заедницата во која живее и да сфати зошто треба да го научи тоа. А кога ќе ја научи основата, тој сам да може да се надградува.  Таму треба да поставиме тежиште кое ќе бара такви личности коишто ќе истражуваат, а не личности кои само ќе меморираат и потоа ќе ни ги пренесат тие меморирани факти и ние ќе ставиме оценка и ќе ја завршиме работата, а не сме ја ни почнале. Еден вид заморчиња кои треба да ги задоволат нашите замисли како треба да изгледа образовниот процес.

 Кој е најважниот проблем што треба да се реши?

Има многу проблеми и ова е еден сериозен, сеопфатен процес. Иако резултатите не се видливи брзо, тие доаѓаат подоцна. Треба да сфатиме дека тоа е најважниот проблем што го има ова општество, оваа наша заедница. Мора ние да го поправиме ова образование. Со тоа што, ќе го смалиме бројот на предмети, а нема да го смалиме бројот на часови. Во некоја мерка и тоа ќе го направиме, во ситуација во која што учениците ќе бидат ангажирани, не само ментално и физички, туку и во друга ситуација, како оваа, со правење претстави или друга активност, која на други ученици им лежи и тоа да биде дел од системот, тој број на часови и тоа да го опфаќа.

Треба да се намали и бројот на ученици во паралелките, тој е еден од поголемите проблеми. Тогаш полесно ќе почнеме да ги запознаваме учениците. Тогаш голем дел од наставниот кадар, кој не заслужува да се нарекува така, ќе отпадне, нема да може да се носи со таа ситуација. Нема да можат да се кријат зад масовноста и заради изговори како немање на време за запознавање на ученикот, немање време да се обрне внимание како и зошто размислува, немање време да се помогне на ученикот да ги открие лошите нешта. Тогаш, тие ќе отпаднат. Колку толку, потоа ќе почне да се постави темел на едно образование кое му е потребно на едно здраво општество. Ако забележавте, кажав освен бројот на часови и ученици, сериозен проблем е и наставниот кадар.

Дали гледате во идните генерации револуционери кои ќе го сменат образовниот систем?

Може да има, но тоа не зависи од мене, иако во некоја смисла имало улога тоа – дали ние како професори ќе ги поттикнуваме да бидат свои или ќе ги задушуваме. И во тој случај кога ние ги притискаме и правиме тоа што не треба да го правиме, секогаш избиваат некои ученици. Некогаш тие ги обележуваме како проблематични и ги ставаме на столбот на срамот, а животот покажува дека тие ќе станат значајни. Мислам дека секогаш ќе има такви што успеваат. И оваа генерација, оваа група на свои, не мои млади актери покажуваат дека гледаат нешта што им ги заврзуваат рацете, им ги сопнуваат нозете и дека сакаат да покажат дека нема да се предадат, дека ќе се борат против такво нешто, дека ќе си го бараат својот пат.

Како ви се допадна изведбата на учениците и дали успеавте да ја пренесете пораката?

Бидејќи јас го следев текот на подготовките, оваа крајна изведба беше одлична, мислам дека вистински, зрело излезе како премиера во која сите заблескаа во својот сјај, сите си го најдоа своето место. Ми беше значајно да дојдат и нивните родители и да му дадеме знак на секого, посебно на себе, дека училиштето треба да се сфати на друг начин, како нешто блиско, заедница во која ќе се функционира не без проблеми, туку и со некои потешкотии за да се покаже дека сме луѓе и ги минуваме тие работи. Се надевам дека оваа претстава ќе можеме уште да ја изведуваме.

Уште не сум разговарам со учениците – гледачи, како ја доживеале претставата. Она што се приметува, се гледа дека има сериозни моменти, односно допрело тоа што требало да се каже. Ова е обична театарска игра на ученици, но со многу силен предзнак на она што е театарот – нешто кое постојано мора да комуницира со заедницата, да влегува постојано во дијалог со горливите проблеми на едно општество. Нашиве театри не водат таков дијалог, не сакаат да зборуваат за нештата што се важни како заедница. Ние не дозволивме и такво нешто да се запостави.

Зошто е потребно да се организираат вакви активности,  како драмската секција, во склоп на редовното образование?

Човекот поубаво се запознава во вакви неформални активности и тука му се открива личноста, и потоа пристапот на професорот ќе биде посоодветен. Секогаш е важен пристапот. Со драмските активности се разработува дикцијата, изговорот кои потоа помагаат други нешта да добијат сила и значење кога ќе се кажат – помагаат за јавниот настап и ослободување од стравот пред публика.

Стефан Митиќ, СУГСГ „Орце Николов“ – Скопје