[Интервју] Добромир Алексиќ: Направив диџеј контролер што секој сам може да го склопи дома

Ако порано опремата на еден диџеј се состоела од два грамофона, миксета и плочи, со дигитализацијата тоа се спои во еден уред – диџеј контролерот. Еден ваков уред изработи Добромир Алексиќ од Скопје кој годинава го претстави како дипломски труд на Факултетот за електротехника и информациски технологии. 

Диџеј контролерите се уреди кои служат за поврзување на компјутерот што генерира музика и опремата што ја репродуцира. Но, разликата помеѓу кормерцијалните контролери и оној на Алексиќ е во тоа што неговиот уред секој може сам да го склопи дома и да го репрограмира според своите потреби. Пример, уредот може да се поврзува со клавир или да репродуцира музика со надворешно движење. Според Алексиќ, нема граници на имагинацијата.

„Тргнав од точката дека не може секој да си дозволи да купи ваква машина. Сакав што е можно поекономично да биде“, вели Алексиќ за Радио МОФ.

„Со овој микроконтролер, кога ќе стиснам одредено копче му покажува на компјутерот да ја пушти песната. На пример, кога стискам„плеј“ – не стискам на тастатура на лаптопот, туку на надворешно копче кое е поврзано со компјутерот преку Ардуино микроконтролер“, појасни тој.

Под името „The DDs“, Алексиќ и неговиот другар Давид Иванов од пред три години навлегоа во диџејскиот свет. Тие делат ист вкус за музика. Најголемо влијание врз музиката му оставила играта „ГТА Вајс сити“ каде при возење на автомобилот од радиото се слушаат фанк и диско песни. Овој жанр на музика го негувале и неговите родители.

„Идејата беше да правам диско бенд. Јас да свирам на бас гитара, Давид да свири на тапани и да најдеме некој да свири на синтисајзер. Но, ниту јас знам да свирам гитара, ниту Давид знае да свири тапани. И што ќе правиме? Ајде ќе пуштаме музика со лаптоп“, раскажува Алексиќ.

По неколку успешни настани, почнале да бараат опрема. Тогаш, Алексиќ ја добива идејата да го направи диџеј контролерот.

„На смерот за Компјутерски хардвер и електроника има предмети како Дигитални аудио системи и Дигитална акустика. Тие предмети опфаќаат како се креира аудио, како да репродуцираш звуци. Многу ме интересираше таа тематика. Си реков, зошто да не направам диџеј контролер, наместо да го купам. Почнав да истражувам на интернет, да видам на кој начин функционираат тие уреди. Видов дека има некои проекти, но не конкретно тоа мене што ми треба. Не беше објаснато во целост како се изработуваат“, се потсетува Алексиќ.

Во неговата изработка добил помош од менторот, професор Томислав Карталов, но и искуството што го стекнал при работа.

По одбраната на дипломската, Алексиќ пушташе музика од неговиот контролер

За дипломската морав да нарачувам материјали од „Али Експрес“

Идејата на Алексиќ била да направи уред кој ќе може да се купи во продавница и да се користи за комерцијална употреба. Го размислил дизајнот, го нацртал на листот, но следувал моментот да ги снабди компонентите.

„Барав специфични копчиња. Но, кај нас нема многу продавници за електронски компоненти. Едно копче чинеше околу 600 денари, а мене ми требаа 16. Одлучив да си ги нарачам од „Али Експрес“ каде најдов едно копче за помалку од долар“, објаснува тој.

Компонентите ги чекал месец дена да пристигнат, по што сам ја направил кутијата од дрво и ги вградил заедно со копчињата.

„Кај нас нема производство на вакви работи. Немаме фабрики што продуцираат вакви уреди за странски пазар, а особено не за нашиот, бидејќи е премал“, вели Алексиќ.

„Среќа имаме паметни умови во државата, па таа инженерска сфера се држи добро“, забележа тој.

Првата песна што ја пуштил преку неговиот диџеј контролер е „Babe, We’re Gonna Love Tonight“ на дуото „Lime“, открива Алексиќ.

Но, за да можат со Давид да си купат нов комерцијален контролер, четири месеци пуштале со контролерот кој тој го направил за дипломската.

Прашан за диџеј сферата кај нас, Алексиќ се радува што рејвот полека се враќа. Наместо во класично диско, младите го следат овој правец на музика и на други отворени места настрана.

„Не треба да застанеме таму, треба да се развива и да се воведуваат нови елементи. Кои ќе бидат тие, зависат од нас и од креативноста што ќе ја вложиме на таа сцена“, смета Алексиќ.

Емилија Петреска

Фото: Архива на Добромир Алексиќ