[Интервју] Дафина Клековска: Инсектите помагаат во разоткривање на кривични дела

Дипломирана како инжинер по биологија, Дафина Клековска е првиот форензичар ентомолог во Македонија. Во рамки на настанот Станица:Студентска, таа одржа предавање за Форензичката ентомологија и присутните одблизу ги запозна со оваа гранка на Форензиката. Во краткото интервју таа зборуваше за предизвиците на оваа професија и колку е таа застапена во Македонија.

На денешното предавање зборувавте за форензичката ентомологија како посебна наука. Што конкретно опфати предавањето?

Најголем акцент ставивме на одредување пост-мортум интервал, одностно времето од настанување на смртта со помош на инсектите. Постојат повеќе методи, ги набројавме сите, краток осврт дадовме и на инсектите за да публиката ја запознаеме со тоа што се инсектите, кои инсекти и на кој начин тие се поврзани со труповите.

Сме слушнале за форензичари, но форензичката ентомологија не е толку позната област. Накратко, што претставува таа?

Форензичка ентомологија, како и сите науки кои имаат  претставка форензичка, се научни  дисциплини кои своето знаење од таа дисциплина го применуваат во фунцкија на правниот систем. Тоа значи дека сите науки кои ги користат своите дисциплини, ги применуваат на криминални, обично казнени случаеви, првенствено на случаи поврзани со смрт.

Многумина се немаат сретнато со оваа наука. Лично, имам познавање дека е поврзана со инсектите. На кој начин?

Ентомологија е наука за инсектите. Форензичка ентомологија е наука која проучувањата за инстектите ги ставаа во функција на криминалните случаи, а како што видовте од предавањето, развојниот циклус на иснектите ни дава показатели за времето на настанување на смрт, за присуство на дроги, токсини во трупот и слично.

Како доаѓа до појавување на инсекти во трупот, или во органите по смртта?

Инсектите не се внатре во трупот, туку се НА трупот. Откако ќе настапи смртта, почнуваат нормалните процеси на разградување, и со биолошките и хемиски процеси се ослободуваат хемиски супстанци, чиј мирис делува како дразба за инсектите. Инсектите ги чувствуваат тие дразби и го користат трупот или за исхрана, или за размножување – како медиум. На трупот ги одлегуваат своите млади, ги положуваат јајцата, јајцата растат во ларви и така натаму се преобразуваат во возрасни.

Како се одлучивте да работите во оваа област?

Форензичката ентомологија ја започнав како дел од мојата магистерска тема, на пост-дипломски студии по Форензика, под менторство на професорката Валентина Славевска- Стаменковиќ. Тоа беше за прв пат во Македонија, така што не постоеше разработена методологија за форензичка ентомологија, и сеуште нема отворени работни места, не се вршат вештачења за форензичка ентомологија, така што кај нас ова е уште во зачеток.

Кога сфативте дека сакате да ја работите оваа професија?

Кога почнав да ги проучувам инсектите. До тој момент имав фобија од инсекти, како и речиси сите девојчиња, меѓутоа кога почнав да ги проучувам видов колку се фасцинантни и колку сето тоа  е балансирано, колку се си има причина и последица, и дека се може да се предвиди. Од друга страна, сетоа тоа може да помогне. Криминалните случаи се деликатна тема- треба да се најде времето на смртта, треба да се помогне на фамилијата, постојат и услови кога не може да се идентификува за кој труп станува збор – и сето тоа инсектите можат да помогнат да се разјасни. Тоа е примамливата страна на оваа област. Друго што ме фасцинираше е тоа што бев прва, така што чепкав од нешто што дотогаш не било чепнато, учено, разработено, што ми претставуваше дополнителен мотив.

Способностите и вештините се стекнуваат преку обука. Меѓутоа, кои особини треба да ги поседува оној кој сака да се занимава со форензичка ентомологија?

Како и во се друго, прво треба да се има огромна желба за учење. Потоа треба да има голема моќ на расудување, да ги сфати причините и последиците кои можат да постојат. Не можеме се да научиме од книга,  некои работи се учат само преку искуството.

Колку во Македонија има работа за форензичарите?

Во Република Македонија сеуште не постојат протоколи и правилници за повикување на форензичар ентомолог на местото на настанот.

Кое е вашето мислење за ТВ програмите кои се занимаваат со оваа криминална област, на пример сериите од  типот на ЦСИ. Колку тие се близу до реалноста?

Принципите се тие. Она што можам да го забележам, како и во сите холивудски филмови, е што сетоа тоа се драматизира, или се прави дека е толку лесно е едноставно. Ентомолошките вештачења обично траат со месеци, па од денес за утре на може да се даде одговор. Инсектите се одгледуваат во лабораторија, а тоа одгледување може да трае месец, два, а во некои случаи и многу повеќе, па самото истражување трае многу повеќе од што е прикажано во ваквиот тип на телевизиски програми. За сите вештачења се потребни огромни бази на податоци, што вклучува на пример, кој инсект, каде и во која сезона е присутен, колкав му е развојниот циклус- на која температура и слично. Тие податоци се стекнуваат со години, па во реалноста е тешко, речиси невозможно, за одреден случај да ги имаш сите податоци достапни пред себе и веднаш да дадеш одговор.

Гоше Николов