[Интервју] „Big Heart“ – Бизнис кој ќе разбива стигми и ќе нуди рака во тешки моменти

Артисти кои покрај комерцијални ангажмани ќе се посветат на хуманитарна работа е основата на која се гради социјалното претпријатие „Big Heart“, еден од победниците на овогодишните Награди за социјално претприемништво.

Бизнис – идејата се заснова на менаџирање на кариерата на различни талентирани артисти – музичари, уметници, пејачи, магионичари… и нивно поврзување со угостители и граѓани кои сакаат да организираат забави. Но, претпријатието и артистите ќе имаат и социјална мисија – борба против стигмата кон лицата со ментални болести и попречености.

Магионичарот Кристијан Шопов, менаџер на „Big Heart“, објаснува дека во целата идеја постојат три социјални моменти – вработување на лица со попреченост, промовирање хумани вредности и екологија.

„Лицето кое ќе има директен контакт со кафулињата, рестораните и луѓето кои ќе се јавуваат кај нас, кое телефонски и по електронски пат ќе комуницира со нив, е лице со физичка попреченост и ќе работи од дома, со што ќе се помогне во вработувањето на лицата со попреченост. Хонорарно би ангажирале и други лица. На пример едно лице кое е глувонемо, кој ќе прави графички дизајн и постери за нашите артисти, така што ќе ангажираме лица со попреченост во самите организациски активности“, вели Шопов во интервју за Радио МОФ.

Тој во моментов работи на караван кој се одвива низ повеќе основни училишта во Македонија со магионичарска претстава за селекција на отпад. Децата, преку забава, учат во каква боја на канта, каков отпад треба да се фрла. Тој додава дека „Big Heart“ ќе се обиде да ја прилагоди пораката за секоја целна и возрасна група.

„Нашите артисти ќе промовираат хумани вредности и хуманитарно ќе настапуваат во домови за деца без родители, болници и други установи каде има деца и возрасни на кои им е потребно охрабрување и поддршка и тие со својот талент ќе им го разубават денот на луѓето во овие институции. Друг момент е што артистите ќе промовираат екологија, односно подигање на свесноста на населението за селекција на отпад и грижа за чиста животна средина“, објаснува Шопов, додавајќи дека во иднина понудата може да се прошири и со дополнителни пораки од интерес на општеството и граѓаните.

Тој додава дека најпрвин ќе биде потребно да се лоцираат уметниците и да се креира нивната понуда. Потоа ќе треба нивно промовирање и најпосле поврзување со кафулињата, дискотеките и рестораните кои би сакале да ги ангажираат. Следниот период ќе се обидат да ги мапираат сите институции каде што има потреба да се организираат хуманитарни настани за подобрување на забавниот живот на луѓето.

„Имам разговарано со повеќе луѓе кои работат во институции кои ги прашувам дали ги посетуваат, дали се организираат забави кај нив. Нивниот одговор е: Да, не посетуваат за Нова година! Но, кога ќе ги прашам, што со останатиот дел од годината, нивниот одговор најчесто е дека такво нешто се случува многу ретко“, раскажува Шопов.

„Важна е таа интеракција и важно е да се помогне. Затоа што талентот кој му е даден на секој човек, на секој уметник, не треба скржаво да го чува само за себе, туку да го споделува со сите граѓани, затоа што сите ние сме едно големо семејство и на секој може да му се случи некоја несреќа и да се најде во некоја институција – болница, дом, затвор… Така што не треба луѓето да ги исклучиме од општеството, туку да им подадеме рака во тие тешки мигови во кои се наоѓаат, за да видат дека не се сами и дека сме тука со нив, да ги охрабриме за полесно да го пребродат периодот кој го поминуваат таму. Тоа ќе биде значајно и за нивните роднини и пријатели“, објаснува Шопов.

Планот е уметниците да се запознаваат со предизвиците со кои се соочуваат лицата со попреченост и преку нивните медиумски настапи да ги разбиваат општествените стигми.

„Кога одреден пејач ќе настапува на некоја телевизија и ќе каже дека во организацијата на неговиот концерт и менаџирањето на неговата кариера се грижат лица кои се со физичка попреченост и дека тие овозможуваат тој да печали, со тоа веднаш ќе се покаже дека лицата со попреченост имаат огромен потенцијал, огромна вредност и дека заслужуваат да бидат еднакво третирани како и сите други граѓани“.

Покрај „Big Heart“, награда за социјално претприемништво добија и бизнис идеите „Sweet and Fit“, „Pixyle“ и „QxJunk“. Победниците добија парична награда од 2.000 евра за развој на нивните претпријатија.

„Не сакам да зборувам за иднината. Сакам да ја создавам иднината. Препорачувам да не следите и со тек на време таа иднина ќе стане сегашност“, вели Шопов на прашањето каде го гледа своето претпријатие за неколку години од сега.

Даниел Евросимоски