Интернетот засега добро се држи со зголемениот сообраќај поради коронавирусот

Додека луѓето се во своите домови поради пандемијата со новиот коронавирус, се забележува многу зголемен интернет сообраќај. Оваа ситуација предизвика загриженост за тоа дали инфраструктурата може да го издржи ова преоптоварување, но според нова студија грижите засега се неоправдани.

Според Нокиа, која изработува интернет инфраструктура, интернет сообраќајот се покачил за 50% веднаш по препораките за стотици милиони луѓе да бидат во своите домови, пишува ЗМЕ Сајанс.

„Но оттогаш забележавме стабилизација во сообраќајните пикови, со поднослив раст на сообраќајот“, соопштуваат од аналитичкиот тим на Нокиа.

Според нивниот извештај, работниците се префрлиле на апликациите за видео-конференциски врски, кои бараат голем проток на податоци. Сепак, тие заклучуваат дека инфраструктурата добро го издржала овој зголемен сообраќај.

Во САД компаниите Верзион, Кокс и АТ&Т изградиле дополнителни базни станици за засилување на мобилните мрежи, а истовремено го зголемиле и бројот на оптички конекции на нивната мрежа. Во Европа, пак, Оранж го удвоил капацитетот на нивните подводни интернет кабли. Во Италија, каде домашниот интернет сообраќај се покачил за дури 90%, Телеком Италија соопштиле дека продолжуваат да вршат поправки и да додаваат зголемен капацитет на нивната мрежа. Водафон информирале дека го зголемиле капацитетот на нивната мрежа за 50% во последните неколку недели преку различни софтверски решенија.

Но, иако инфраструктурата има капацитет да го издржи овој наплив на побарувачка предизвикана од изолацијата поради коронавирусот, аналитичар од Фич Солушнс, Декстер Тилиен, вели дека можни се проблеми во иднина.

Според него неизвесно во иднина е тоа што не се знае колку долго пандемијата ќе трае, а со тоа и домашната изолација. Доколку се бара самоизолација од инженерите, на пример, тоа ќе предизвика проблеми телекомуникациските компании да ги одржуваат бакарните и оптичките кабли и останатата потребна опрема.