Интересот за разговор со училишен психолог е многу мал, иако деновиве неговата улога е особено важна, вели психологот Гулицовска

Во видео средбите изостанува невербалната комуникација, говорот на телото, тонот и погледот, контактот очи во очи, а ја нема ни приватноста. Оттука проблематично е што учениците треба да ја „разголуваат“ својата интима дома, каде во секој момент може да бидат попречени од родителите. Паралелно на ова, во едни времиња кога Ковид-19 не постоеше, достапноста на канцеларискиот простор на психологот била многу полесна, а учениците можеле кога се вознемирени да го посетат психологот, макар и на кратко или да закажат „потежок“ разговор за некои теми. Вака, според психологот во охридската гимназија „Св. Климент Охридски“ Алберта Гулицовска изгледа паралелата на меѓусебната работа на учениците и психолозите, пред и за време на актуелната пандемија.

Социјалната изолација, затворените врати и невработеноста на родителите кои се исход  на пандемијата, ги дестабилизирала системите на поддршка на децата, вели Гулицовска, а резултатот потенцира дека е трауматичен.

„Особено се погодени учениците од социјално загрозените семејства кои ги немаат основните услови за онлајн настава, кои училишната зграда ја доживувале како свое сигурно место и од која не им се брзало да заминуваат. На учениците секако им недостига физички контакт и присуство на другарите и се ова е малку фрустрирачко и депресивно за нив на моменти, тоа го доживуваат како загуба. Во таа смисла, треба да им се овозможи искажување на чувствата. Треба да бидеме емпатични во прифаќањето на тие нивни емоции“, истакнува психологот.

„Тоа што е предизвик е дека помеѓу работна маса помеѓу психологот и ученикот сега се километри интернет кабли и монитори. Нема допири, прегратки, нема приватна канцеларија. ‘Зум’ или која било друга платформа никогаш нема да го премостат јазот“, посочува таа.

Училишниот психолог, според Гулицовска, зазема посебно место во училиштето, а деновиве неговата улоги, вели дека е особено важна. Но, таа истакнува дека се чини како перцепцијата на фигурата на психологот е матна, дури и застрашувачка. Наназад, како што вели таа, е создавана слика за него како фигура која првенствено е тука за изрекување на педагошки мерки и казни, а честопати се меша на таа со педагогот, бидејќи во пракса работните задачи се поклопувале.

На учениците и родителите по затворањето на училиштата по одлуката на 10 март им било наведено дека можат да се обратат но службите, но интересот за тоа бил мал, посочува Гулицовска. Таа додава дека контакт се остварувал во однос на работите кои се од службена должност, односно, комуникација во врска со учениците кои имале поголем број изостаноци или некои со несоодветно однесување.

„Таквите родители ги контактирав по мејлови, мобилни телефони. Им препратував по мејлови документи во ‘Power Point’, практично, од програмата за работа, од советодавна работа што е наменета за родители. За родителски стилови, што тие како родители можат да направат, да им бидат поддршка на учениците. Практично, психолошки совети како тие можат во улога на родители да бидат поддршка на децата во тие моменти“, објаснува таа.

Психологот посочува дека и покрај потешкотиите поврзани со наставниот процес, во вакви услови на пандемија, таа додава дека се јавува и потреба од психолошка брза помош, т.н. психолошка кризна интервенција. Таквите интервенции се однесуваат на методи кои се користат во пружање на моментална и краткотрајна помош на поединци кои доживеале настан кој предизвикал емоционални, когнитивни, телесни и проблеми во однесувањето, објаснува таа.

„Криза се однесува на која било ситуација во која поединецот чувствува дека изгубил способност за соочување со стресот. Тоа обично се однесува на животно загрозувачки ситуации и природни катастрофи како оваа пандемија. Во случајот тоа се ученици и родители од семејства каде некој се заразил со корона, кои поради тоа биле принудени на карантин, или во краен случај доживеале загуба на близок, итн“, објаснува Гулицовска.

Надвор од училишниот процес, според нејзиното согледување, бројот на млади кои се обраќаат кон психолозите расте, иако знаат дека тие услуги не се евтини.

„Но, во помалите места и понатаму е присутна стигмата, едуцираноста на населението за оваа проблематика кон која се приоѓа со извесна доза на недоверба е сè уште недоволна“, додава таа.

Иако примарната работа на училишните психолози се однесува на грижата за емоционалното и менталното здравје на учениците, како и поддршка во развивањето на нивните потенцијали, тие сега подготвуваат и распореди, наставни програми, тековни извештаи и анализи на наставниот процес, објаснува Гулицовска. Општо земено,  училишните психолози, како што вели Гулицовска на располагање имаат малку време кое можат да им го посветат на учениците.

„Поради системската лоша поставеност на самото работно место, имаме ситуација нашата работа ја преземаат бројните невладини организации, и ме радува фактот дека макар и вонинституционално се случуваат позитивни промени“, вели таа.

За успешноста на работата на психологот, таа смета дека е особено важна и неизоставена соработката пред сè со наставниците, за кои вели дека се први кои можат да детектираат одредени проблеми и да го известат психологот. Но, како што додава, во пракса многу често тие молчат и ја преземаат неговата улога, импровизирајќи.

„Најпресудна е одлуката на младите да побараат помош зошто без нивната спремност за активно учество и соработка ние не можеме да им помогнеме. Сепак, треба да се свесни дека тоа не е исто како услуга на фризер или козметичар пр. која веднаш се забележува како финален производ. Во психолошката интервенција се работи за процеси и тешко да само еден разговор помеѓу две школски ѕвона може нешто битно да промени. А затворање на повеќето училишта ги присили психолозите да преиспитаат како можат да си ја работат својата работа“, вели Гулицовска.

Пред неколку дена беше воспоставена и линија за помош на деца млади и родители, во соработка со повеќе министерства и Универзитетската клиника за психијатрија. Секое лице од посочените групи, како што соопштија надлежните, може да се обрати на телефонскиот број 072 912 676 кој е достапен секој ден од 09 часот до 19:00 часот.

Гулицовска пак вели дека учениците можат да ја најдат и да и се обратат на стручната служба преку електронската пошта која е наведена на училишната веб-страница, а разговорите, додава таа, може да се одвиваат во просториите на училиштето, телефонски или онлајн, во зависност од можностите и поторебите на двете страни.

Мартин Колоски