Инстаграм од наредниот месец ќе има копче за превод

Инстаграм наскоро ќе воведе алатка за автоматски превод, почнувајќи од јули. Бидејќи 80 проценти од корисниците (бројката постојано се зголемува) живеат надвор од САД, компанијата смета дека тој чекор е логичен.

Почнувајќи од јули, корисниците на Инстаграм ќе можат да читаат автоматски преведени коментари и наслови. Компанијата, која е во сопственост на Фејсбук, го лансира ткн. „копче за превод“ наредниот месец.

Страницата за микроблогирање, Твитер, и компанијата-родител на Инстаграм, Фејсбук, исто така имаат алатка за превод веќе подолго време. Сепак, оваа опција на Инстаграм нема да важи за постарите објави или за одредени јазици кои платформата се уште не ги поддржува. Инстаграм засега поддржува 23 јазици, но се надеваат дека ќе го прошират изборот наскоро, пренесува HNGN.

„Заедницата на Инсатграм растеше побрзо и стана поглобална отколку што можевме да замислиме. Возбудени сме што наскоро ќе можете да ја разберете целосната приказна на еден момент, без оглед на тоа на кој јазик зборувате“, објавија од компанијата.

Последната промена на Инстаграм доаѓа со новоста дека имаат 500 милиони корисници. Од септември минатата година, социјалната мрежа за споделување слики успеа да придобие 100 милиони нови корисници во својата растечка база.