Инспекторите затекнале „одредени нерегуларности“ во кругот на скопска Железара

„Одредени нерегуларности“ утврдиле инспекторите на град Скопје во текот на инспекцијата направена изминатото деноноќие во околината на поранешната фабрика Железара. Како што е наведено во соопштението на Инспекторатот на Град Скопје, објавено на нивната ФБ страница, направен е вонреден инспекциски надзор над правни субјекти кои подлежат на Б-интегрирана еколошка дозвола и елаборати за заштита на животната средина под нивна надлежност.

„Воедно направија и обиколка во кругот на поранешната фабрика Железара на 16.08.2018 во период на предпладневните и ноќните часови при што се увидоа одредени нерегуларности и веднаш беше исконтактирано со инспектори од ДИЖС бидејќи постапувањето и ингеренциите се во надлежноста на Државниот инспекторат за животна средина односно инсталации со А ИСКЗ. Вондредните инспекциски надзори продолжуваат во наредниот период на целата територија на град Скопје. Апел до граѓаните сите нерегуларности да ги пријавуваат до Инспекторатот на град Скопје“, посочуваат од Инспекторатот.

Во соопштението не се појаснува за какви точно нерегуларности станова збор, но од Инспекторатот појаснуваат дека во кругот на фабрика Железара се регистрирани 56 правни субјекти кои подлежат на А ИСКЗ, Б ИСКЗ како и елаборати за заштита на животната средина кои се под различна надлежност за вршење надзор. Ако инсталацијата е голем загадувач, и поседува А ИСКЗ (А интегрирана дозвола), немаат надлежност да постапуваат, туку тоа мора да го прават нивните колеги од Државниот инспекторат за животна средина.

Последната недела голем број скопјани на социјалните мрежи се жалеа на смрдеа и густ чад кој се издига над комплексот. Ги повикуваа инспекторите да излезат на терен, и да видат кој го зачадува небото над Скопје.