Инспекторите со полициска асистенција во контрола на концесијата за ископ на песок во Средно Коњари

Со асистенција на полицијата и во присуство на државни инспектори, геодетска фирма вршеше мерења за изработка на Геодетски елаборат кој треба да покаже дали концесионерот за ископ на песок во Средно Коњарње навлегол во зоната на плавење на реката Пчиња и дали со ископот е навлезено под котата на подземните води.

Државниот инспекторат за животна средина соопшти дека ангажирале овластена геодетска фирма за изработка на елаборатот, откако им биле доставени податоци од Управата за хидрометеоролошки работи за положбата на котата на педесетгодиишните води на реката Пчиња. Мерењата биле направени на 9 февраури, во присуство на државен инспектор за водостопанство и државен инспектор за техничка инспекција. Имале и асистенција на припадници на полицијата, бидејќи, како што појаснуваат од Инспекторатот, претходните обиди за спроведување на мерењата биле спречени од страна на концесионерот.

„Со Геодетскиот елаборат ќе се утврди дали концесиското поле навлегува во зоната на плавење на реката Пчиња и дали со ископот е навлезено под котата на подземните води. Овластената геодетска компанија за анализите ќе користи официјални податоци од Управата за хидрометеоролошки работи и Геолошкиот завод. Доколку влезните податоци бидат обезбедени на време, Елаборатот треба да биде изготвен за најмногу две недели. Потоа наодите ќе се достават до Министерството за економија и Министерството за животна средина и просторно планирање за натамошно постапување“, се наведува во соопштението на Државниот инспекторат за животна средина.

Проблемот со концесијата на ископот на песок во Средно Коњари се влече со години, а жителите на селото заедно со соседите од околните села, повеќе пати  излегуваа на протест со барање да запре ископот на песок.