[Инфографик] Што има во биографиите на новиот владин тим?

Најмногу економисти има помеѓу 20-те члена на новата Влада на Република Северна Македонија предводена од премиерот Зоран Заев.

Осуммина од новите владини функционери имаат образование поврзано со економијата, петмина се правници, тројца се со медицинско образование, а во Владата ќе седат и по еден архитект, историчар, социјален работник и електротехничар/магистер по меѓународни односи.

Сепак образованието кај дел од новите министри не е пресудно за позицијата во Владата која ќе ја раководат. Така, на пример, дигестивниот хирург, Бујар Османи, ќе управува со надворешните работи, социјалниот работник Мила Царовска, со образованието и науката, а економистот Јетон Шаќири, ќе го менаџира информатичкото општество и администрацијата.

Просечната возраст на овој владин состав е 41,6 години. Најмлади, со по 33 години, се министрите за информатички технологии и администрација, Јетон Шаќири и за земјоделство, шумарство и водостопанство, Аријанит Хоџа. Највозрасна е Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска која има 56 години.

Кога ќе се погледне во биографиите на новите функционери, токму Хоџа има најмало политичко искуство. Тој во министерската фотелја доаѓа со единствено претходно искуство како сопственик на приватна компанија. Шаќири пак доаѓа во Министерството од директорска позиција на струшкиот водовод, додека претходно работи како професор во Меѓународниот универзитет во Струга, каде, според неговата биографија, почнал да предава кога имал само 21 година.

Истовремено, меѓу најбогатите биографии е онаа на Министерот за финансии, Фатмир Бесими, кому ова ќе му биде четврта владина функција во кариерата откако претходно раководеше и со економијата, одбраната и европските прашања.

Во инфографикот во продолжение погледнете ги скратените биографии на сите функционери во новата Влада на Република Северна Македонија:

Даниел Евросимоски