Инфографик: Омбудсманот мора да биде отпорен на политичко-партиските влијанија

Омбудсманот мора да биде отпорен на секакви политичко-партиски влијанија, е заклучокот од граѓански мониторинг на работата на Народниот правобранител. НВО Инфоцентарот, во соработка со Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, направија инфографик од мониторингот.

Граѓанските здуженија континуирано ја набљудуваат работата на Народниот правобранител, а главниот фокус на набљудувањето беше функционирањето на регионалните канцеларии на Народниот правобранител во Струмица, Битола, Штип, Куманово, Кичево и Тетово, како и перцепцијата на новинарите и граѓанските активисти за степенот на отвореност, достапност и ефикасност на оваа институција.

Народниот правобранител е перцепиран како транспарентна и отворена институција, од страна на граѓаните, граѓанските активисти и новинарите. Сепак, досегашното искуство покажува дека граѓаните сѐ уште не се доволно информирани за неговите надлежности и неговата улогата во заштитата на човековите слободи и права. Анализата покажува дека граѓаните не се убедени дека препораките и укажувањата на Народниот правобранител се доволно силни да ги натераат државните институции да не дискриминираат и да не ги кршат нивните права и слободи. Му забележуваат попустливост спрема поренешната власт, но констатираат дека во последните две до три години почнал подобро да функционира како заштитник на правата на граѓаните.

Новинарите и активистите сметаат дека Народниот правобранител, доколку сака да ја засили сопствената репутација и ефикасност во заштитата и промоцијата на човековите права, мора да биде ослободен и отпорен на секакви политичко-партиски влијанија, да располага со независен буџет, да има соодветно кадровско екипирање.

Што се однесува до регионалните канцеларии, мониторингот покажал дека се несоодветно екипирани и постои и висок степен на зависност од главната канцеларија во Скопје. Кога станува збор за соработката со државните институции, регионалните канцеларии на Народниот правобранител, не се задоволнии од примената на нивните препораки и тоа, во прв ред, од Министерството за внатрешни работи, локалните власти, Агенцијата за катастар, центрите за социјална работа .