Индискиот софтвер инженер кој чува 735 кучиња

Ракеш Шукла е софтвер инженер кој својот живот го посветил на чување отфрлени кучиња, пишува Би Би Си.

Колата запре пред фармата во близина на главниот град на индиската држава Карнатака и ненадејно кучињата беа насекаде, лаејќи и скокајќи од радост.

За неколку секунди, тие беа врз Шукла, лижејќи го и играјќи си со него, а истиот восхит го чувствуваше и тој. Заедно со неговата сопруга чуваат 735 кучиња во фарма голема 1,4 хектари.

На нивната фарма може да се најдат најразлични раси на кучиња, од лабрадор и златен ретривер, па до биглс, ротвајлер и мобс.

Најголемиот дел од нив се бездомни, а остатокот се напуштени од нивните сопственици. При последната тура биле донесени 22 кучиња со педигре на сопственик кој неодамна бил убиен.

„Јас сум последната станица за овие кучиња. Тие не се веќе слатки и за галење. Многу од нив се болни и повеќе не се сакани“, рече 45-годишниот Шукла.

Тој веќе десет години води софтверска фирма, а три дена од недела ги поминува на фармата со кучињата.

„Работев во Делхи и во САД, па потоа основав моја компанија во Бангалор“, вели тој и додава дека не бил задоволен од животот што го имал тогаш.

Но, во 2009 година во неговиот живот се појавил златен ретривер кој ја вродил оваа пасија кај Шукла.

Фармата е дизајнирана за потребите на своите кучешки жители, со огромен отворен простор за да можат да трчаат, како и езерца за да може да пливаат во нив. Но, има и двојна ограда за да бидат безбедни.

Во фармата се вработени десет луѓе, вклучително и тренирани асистенти кои ги чуваат кучињата, им готват и ги хранат. Дневно, кучињата добиваат речиси 200 килограми пилешко месо и 200 килограми ориз, а болните редовно добиваат лекови и внимание.

Трошоците за одржување на фармата дневно изнесуваат 663 долари, според Шукла, кој вели дека 930 отсто од средствата сам ги снабдува.

Во изминатите неколку години, тој се соочил со проблеми со одредени активисти кои барале да им се дозволи влез на фармата. Тој, исто така, добивал поплаки за создавање јавен неред поради чувањето на толку многу кучиња, но Шукла не се откажува.

„Се договоривме со моите кучиња“, рече тој. „Ние ќе се разделиме само ако некој од нас ја шутне кофата“.