Импро-сесија во живо на „Gebrüder Teichmann“ и „Kаnton6 trio“ во „Кино Култура“

„Gebrüder Teichmann“ од Берлин и „Kаnton6 trio“ од Скопје ќе имаат јавна импровизирачка сесија во живо на 17 мај (петок) од 19:30 часот во „Кино Култура“.

Импро-сесијата е резултат од интерактивната музичка лабораторија, односно работилницата за креирање на звук и електронска музика која се одржа од 14 до 17 мај во организација на „Локомотива“, а со поддршка од Гете Институтот.

Како што велат од „Локомотива“, со цел да се задржи креативниот простор што е можно поширок, музичките уметници понекогаш создаваат нивни сопствени „звучни машини“ преку користење, реформирање и репрограмирање на различни аналогни машини поврзани со дигитален софтвер, компјутери и инструменти.

„Интерактивната музичка лабораторија е насочена кон процесот на уметничкото творештво, и нуди платформа за размена и соработка на професионални музичари од Германија и Македонија. Проектот има за цел да создаде отворен работен процес за креирање на електронска музика и звук, базиран на споделување на знаења и применети методи и техники од различни музичари во процесот на продукција и развој на композиција. Во форма на музичка лабораторија организирана во Кино Култура, музичарите ќе создадат платформа за работа, еден вид на отворено студио во кое аналогна, дигитална опрема и класичен инструмент (тромбон) ќе се користат во процес на ко-креирација“, соопштија од „Локомотива“.

Според нив, тоа ќе создаде ново знаење или музички скор, во кој ќе се истражуваат модалитетите на звучната (ре)продукција во живо, со комбинација на „живи“ и генерички инструменти и нивните меѓусебни каузалности во процесот на компонирање и изведување.

Влезот за настанот во „Кино Култура“ е бесплатен.

Инаку, „Gebrüder Teichmann“ се сметаат за едни од пионерите на електронската музика и звук од Берлин. Браќата Енди и Хан Теичман се активни музичари, диџеи и културни активисти.

Нивната работа не е ограничена со стилски или жанровски граници. Многуте соработки со уметници од широк спектар на жанрови, од хип хоп до класична музика, од традиционална до експериментална музика итн. им овозможуваат постојано да ги прошируваат нивните можности за настапи во живо и импровизации во електронската музика, како и да создаваат мостови помеѓу музичари со различна позадина.

„Кантон6“ е пионерски музички проект, предвесник на инди-техно-рок кросоверот во Македонија. Музички микс кој настана врз потребата да се музицира еклектично и со став, но тој став да биде базиран на цврст танцов бит (како наследство од последните 2 и пол техно декади) и изнесен во клубовите и на концертите. Кантон6 датира од 2000 година и е пред се’ интелектуален производ на режисерот Синиша Евтимов и диџејот, продуцент и издавач Мирко Попов.

На „Kanton6“ ќе им се приклучи Владан Дробицки, кој е активен како музичар-тромбонист во бендот „Сетстат“, на тромбон. Исто така, Дробицки меѓу другото е и основач на „Прилеп џез викенд фестивал“, но и долгогодишен член на ревискиот оркестар на МРТВ, а последните години и неформален шеф на ансамблот.