Има (ли) надеж за активизмот

Дали активизмот го изгуби својот замав? Има ли надеж за активизмот? Дали креативите и герилите се новиот пристап? Дали активизмот од Скопје се сели во внатрешноста? Зошто некои иницијативи се поуспешни од други?

Многу прашања и различни ставови за граѓанскиот активизам во Македонија се отворија и кажаа на вчерашната трибина во Центар-Јадро. Организатор беше Центарот за современи уметности, чиј претставник Никола Писарев посочи дека во последните неколку месеци поминале повеќе дебати, градови, ги слушале луѓето – колку и дали е потребен граѓански ангажман и различно ниво на делување. Од локални иницијативи, грас-рут организации, па се’ до повисок политички активизам ориентиран на институционални промени.

„Во креативниот и уметнички активизам не ви требаат многу луѓе за да направите промена. За да придвижите нешто. Но, што е со другиот активизам? Затоа разговаравме со луѓе и има неколку интересни поенти, приказни. Една од работите што ни паднаа во очи е дека за некои работи сме вратени на 2007-2008 година, на прашањата ‘што е политика’ и ‘дали граѓаните, активизмот да се бави со политика’. Со тоа што, сега поимите како животна средина, јавен простор и инфраструктура – луѓето не ги есапат дека се политика. Тоа ‘не е политика’, ама ќе се ‘бориме’ за вода, воздух, дупки за улици. Овие теми за кои се заинтересирани граѓаните, за кои се активни – ги третираат вон политички концепт“, посочи Писарев.

Друга работа, вели тој, е поразителниот факт за довербата кон граѓанскиот сектор. Таа е катастрофално ниска и, едноставно, не им се верува на граѓанските организации.

„Во таа смисла, дури е интересно што ако активисти настапат без својот бекграунд како граѓанска организација, тогаш им се верува. Пример, ние правиме акции и мнозинството ги одобруваат, но ако излеземе во јавност како Центар за современи уметности, тогаш граѓани градат ѕид спрема нас“, рече Писарев, чии креативни акции изминативе години донесоа „ајкули“ околу галиите во Вардар, споменик со „дијазепам“ што ја потенцираше општествената депресија, кабини за чист воздух и „очи“ по дрвјата низ Скопје, но и „костури“ што вечно чекаат пред портите на ЕУ.

Од трета страна, за Писарев е интересна довербата кон локални иницијативи, исклучително ориентирани на проблеми од локален карактер. Според него, луѓето практично се уморни да се борат за некакво генерално добро на територија на Македонија, а да не збориме на Балканот, но се многу спремни за проблемите од маалото, општината или регионот каде живеат.

„Немаше да верувам ако некој пред 10 години ми кажеше дека во западна Македонија ќе наидеме на активни иницијативи, како пример Движењето против коцкањето или Охрид СОС. А, токму во 2014-2015 година викавме ‘еј нема луѓе, нема ангажираност, нема со кој да соработуваш’. Сега се појавија сериозни граѓански иницијативи, многу сериозни успеси и на исток, југоисток. Тие движења се проблемски ориентирани и го шират делокругот на делување“, нагласи Писарев.

Горан Лефков од Иницијативата за чист воздух во Кочани, кој е и истражувачки новинар, се надоврза токму на локалниот активизам. Посетиле и скенирале повеќе градови, собирале мислења и ставови, а ги изненадил Велес. Во овој град пред 20-ина години поради Тополницата излегоа 30.000 луѓе на улица на протест, а денес скоро и да не препознале граѓанска иницијатива.

„Почна да се копа по јаловиштето кај Тополницата, но останаа мал милион други проблеми, кои граѓаните некако ги преспаа. Во Штип, пак, имаа мали иницијативи и беше поизразен оној креативен активизам. Значи, мали организации, една-две, неколку луѓе преку креативен активизам решаваа пар локални проблеми, училишта, простори итн. А, Кочани има сериозна иницијатива за загадувањето и за малите реки. Во скоро време треба да произлезат резултати од таа борба. Гледам енергија во екипата дека може да направи посериозни општествени промени“, нагласи Лефков.

За разлика од недостатокот на движења како Шарената револуција, иницијатива што може да донесе пошироки промени, но и иницијатива што изискува и повеќе ресурси, во ваквите локални случаи граѓаните гледаат можност за промени.

„Во делот на еко-активизмот гледаме дека е прилично тешко, освен во Струмица и Гевгелија каде не ги дозволија рудниците. Кај нас се бориме со една банда и Државниот инспекторат за животна средина, кај што нема никакви резултати. Веќе три години ги фаќаат со 15.000 милиграми јаглерод моноксид, но фабриката ‘Пејпермил’ никој не ја затвора. А, уште денес можат да се донесе решение и да речат ‘дечки, од утре одете на гас’. Многу е едноставно, но од друга страна, се соочивме со мафија што носеше ѓубре на ‘Дрисла’ тука во Скопје пред неколку години, што успеавме како активисти да го прекинеме тој канал. Сега таа мафија е присутна во Кочани и на неколку места во регионот“, забележа Лефков.

Лефков е на ставот дека постои некое помрднување во активизмот, а ако се направи времеплов, се забележува како луѓе се појавуваат, ангажираат, се повлекуваат, па излегуваат нови активисти. Како приказната за фениксот што се издигнува од пепелта.

„На светско ниво, ако ги разгледаме движењата од 70-те и 80-те, како пример ‘Гринпис’, денеска ‘Гринпис’ е можеби административна организација, со многу канцеларии, како НГО е огромна, но нема толкаво влијание како една Грета Тунберг од Шведска. Можеби ‘Гринпис’ пораснале до ниво што веќе не можат да работат само активистички, туку мораат да функционираат и институционално, за да се донесат одредени политики. Прашањето е, дали е лесно и самите активисти да влезат во политика, преку политичките тела да решаваат проблеми? Кај нас имаме искуства со некои невладини активисти што влегоа во политиката, па луѓе се разочараа. Можеби една од причините за недовербата во невладиниот сектор е токму тоа?“, посочи Лефков.

Професорот и аналитичар Јордан Шишовски е согласен за разочарувањето во одредени групи. Според него, активистот не е оној што го движи движењето, туку на некој начин одговара. Како што поетот не ги создава емоциите, туку ги наоѓа зборовите. Така што, вели Шишовски, активистот ги наоѓа зборовите и ја прави физичката работа за мобилизација.

„Полно активисти кои беа видливи во сите тие движења, сфатија дека на некој начин можат да бидат искористени. На начин кој брендовите ги користат познатите лица. Пример, пејачка ќе биде заштитно лице и ќе рекламира долна облека. Така што, дел од тие луѓе влегоа во ‘политика’, што реално не беше политика, туку помали позиции како ПР и слично, но го растурија целото чувство на независност, идеализам, на стихијност. И тука лежи главниот проблем, во однос на стихијноста, бидејќи активизмот, граѓанското општество не е нешто што доаѓа само од себе, туку тоа мора да биде вкоренето, институционализирано. Значи секој од нас може да излезе на протест, да излезе да даде или собере потпис, но некој тоа треба да го процесира. Тоа е масовна работа. Ти не можеш да бидеш активист, не можеш да водиш масовна организација, без да мислиш на тоа кој ќе ги плаќа сметките? Кој ќе го финансира сето тоа?“, наведува Шишовски.

За Шишовски нема сомнеж дека финансискиот аспект е важен. За жал, вели тој, не успеа да се изгради државна стратегија за сериозно финансирање на граѓанскиот сектор. Бидејќи, ниту една граѓанска организација не може да функционира ако нема неколку професионалци што ќе ја буткаат таа работа.

„Се финансираат од надвор, од амбасади, од надворешни фондации, кои често не можат да разберат кои се потребите на општеството. Не можат да гатаат. Имаат свој интерес, од друга страна имаат добри намери, но не можат да ги откријат потребите на општеството. Па, се создава пасивен колонијализам. Помагаат да се изгради некаква граѓанска свест, со доста успешни аспекти, меѓутоа дури и тоа се многу малку пари. Реално, во граѓанскиот сектор мора да влезат големи пари, да може граѓанските организации да се посветуваат“, посочи Шишовски.

Кој работи во граѓанска организација, вели тој, знае дека дури и оној што најдобро заработува е еден одбиен проект до останување на улица.

„И, секогаш мислиш што ќе правиш, па затоа мораш да пишуваш ваков или онаков проект, се шалташ од една во друга тема. Не можат организациите да се фокусираат. Ако се занимаваат со екологија, да се занимаваат со екологија, а вака внесуваш и проблеми на ЛГБТИ заедница, женски права… А, ЛГБТИ организација мора да внесува теми од екологија, економија… Значи, нема стабилен извор на приходи, сериозно финансирање, а од друга страна нема финансирање на професионални научни установи. Образованието и науката ни се ужасно ниско финанасирани. Џабе имаме еколошки организации, ако тие немаат податоци. Мора да има некоја институција што ќе направи сериозна анализа, ќе направи проценка, па невладината организација со тие податоци ќе излезе пред Влада и ќе каже ‘еве, ова се проблемите’“, нагласи Шишовски.

Генерално, третиот аспект според него е што самото граѓанство не изгради некој посериозен пристап, да се избори до крај. Односно, посочува тој, дури и за време на развиеноста на протестното движење, граѓаните мислеле „ова ќе го смениме“, па потоа кренале раце.

„Значи го нема оној граѓански аспект на республика – народот во публиката, цело време да излезеш на плоштад и да правиш нешто. Ама, повторно и тоа не може да функционира ако немаш граѓанско општество што ќе биде самоодржливо“, забележува Шишовски.

Според Мариглен Демири, активист, наставник и истражувач, мора да се разбере составот во нашата држава, југословенска и социјалистичка, во која имаме многу јасна демаркирана фузија на една економска олигархија и една политичка бирократија. Тие, според него се големи соработници.

„Едните ги финансираат другите, а другите носат закони за првите. Постојано се уиграни. Ова не треба да ги интересира тие што се дел од граѓанското општество, затоа што и поимот на отворено општество доаѓа од Карл Попер, кој рекол ‘чекајте малку, нема да го признаваме историскиот детерминизам, туку ќе одиме со идеја на активизам’. Дека самите можеме да се избориме за нашата иднина, ние ги имаме конците во раце. Тоа не се случи многу кај нас. Не успеа да се одржи докрај противтежата што ја предвидувал Карл Попер против политичката бирократија, која треба да ја има граѓанското општество“, смета Демири.

Демири е на ставот дека граѓанското општество не создаваше интелектуалци, туку бирократи. Бирократи кои не успееја, и се уште не успеваат докрај да го здогледаат проблемот.

„Сметам дека граѓанското општество е политички импотентно и оттука е импотентно со фантазија за промени. Сака да смени ситни работи. Имате скршена рака, а барате ‘аналгин’. Мислам дека таа работа – не оди. Да, ја имаме тука екологијата, имаме екологија од лева и десна перспектива. Има и зелен капитализам. Дали сме за тоа? Не! Не затоа што е капитализам, туку затоа што е неефикасен. Заради тој капитализам во Битола (од РЕК н.з.) има десетици млади луѓе со рак. Треба нешто да се направи. Имаме 20% инфлација. Што правиме со неа? Зборува ли некој за тоа? Граѓанското општество е политички безопасно, безопасно да излезе и организира протести против загадувањето, освен иницијативите што се правеа во југоистокот на земјата, каде имаа успех против рудниците. Односно, кажаа ‘сега ние ќе ви кажеме како треба да се прави, не можете без нас’. Имаше многу малтретирање, нови бирократии и градоначалници што влегоа после 2017-та, а беа во составот на самите организии. Влегоа, ги туркаа и нив, и некако се изборија. Се’ уште не е крај, меѓутоа има мало поместување. Многу мало поместување“, констатира Демири.

Бојан Шашевски