„Илустрацијата го буди детето во мене“ – #ИнстаИлустрации со Искра Ежова

Искра Ежова е архитектка по прoфесија, но работи во филмската индустрија како дел од Друштвото на филмски работници на Македонија и координатор на продукција во Круг Филм. Желбата за цртање ја следи во текот на целиот нејзин живот, а од пред неколку години ја открива и дигиталната илустрација.

„Си ја сакам работата и ме исполнува затоа што е динамична и креативна, но илустрациите ми се главната инспирација и тоа што го буди детето во мене“, вели Ежова за Радио МОФ.

Порано, нејзината креативност ја изразувала најчесто на платно со маслени бои, реалистични пејсажи, портрети и мртва природа.

„Со тек на време, главна занимација ми стана цртање doodles, на сите тетратки и клупи што можев да ги најдам, па дури и на таванот во собата на сестра ми. Со години цртав црно-бели doodles, се додека не ја открив дигиталната илустрација и се заљубив во сите комбинации на бои кои можам да ги менувам секогаш кога ќе ми дојде нова идеја. Си имам омилени колор палети, сакам пастелни или неонски бои, но има бои како црвена, што скоро никогаш не ги користам. Иако најчесто цртам дигитални илустрации, ретко користам алатки за помогнато цртање и секогаш цртам рачно, без разлика дали е на хартија или на екран“, објаснува Ежова.

Најголема инспирација ѝ е сопствената бујна фантазија. Омилени ѝ се детските сликовници како „За твојот роденден“ и „Касни порасни“, и како што посочува Ежова, анимираните филмови сѐ уште се нејзиниот најомилен филмски жанр.

Во последно време, голема инспирација ѝ се македонските аниматори, а како проект во кој учествувала и од кој е посебно горда, го издвојува токму оној на уметникот Иван Ивановски насловен „50 години македонски анимиран филм“. Проектот беше посветен на аниматорите од златното доба, но и на сите талентирани аниматори кои творат денес.

„Го цртам тоа што го замислувам во моментот, скоро никогаш не бирам тема, најчесто цртежите ми се неповрзани, често кога ми се црта а немам инспирација, почнувам со наједноставни линии и точки, се додека не почнат да ме асоцираат на нешто, и на крајот имагинацијата си го прави своето. Сите карактери што ги цртам доаѓаат од мојата глава, секој цртеж си е приказна за себе“, вели Ежова.

Таа изработи и редизајн за новото издание на мултимедијалниот проект „Траги“, а приватно има и своја колекција на стикери, маички и тоте-торби со нејзини илустрации.

Ежова е уште една илустраторка која се приклучува на нашата иницијатива #ИнстаИлустрации. Во продолжение, погледнете дел од нејзините илустрации: