Илјадници протестираа во Барселона барајќи Шпанија да прима повеќе бегалци

Околу десет илјади луѓе маршираа во Барселона во саботата, барајќи од шпанската влада веднаш да ги оствари своите ветувања и да прими илјадници бегалци во државата.

Ада Колау, градоначалникот на вториот најголем град во Шпанија, ги повика жителите на Барселона да „ги наполнат улиците“ и да маршираат под слоганот „волем аколир“, (Сакаме да им кажеме добредојде) на каталонски.

4344

Многумина од луѓето кои го поддржале повикот на градоначалничката носеле знаци на кои пишувало „Доста изговори, примете ги сега“.

Протестот се случи откако Шпанија вети дека ќе прими околу 16000 баратели на азил од другите земји во ЕУ, под систем на квоти усвоен во 2015, кога континентот се бореше со најголемата миграциона криза после Втората светска војна.

Како и други земји членки на унијата, Шпанија не успеа да ја оствари целта, а досега се вселија само 1100 луѓе.

Протестот кој беше организиран од група која се нарекува „Каса ностра – каса востра“ (Нашиот дом е ваш дом), заврши на медитеранскиот брег – симболична локација со оглед на тоа што минатата година во Средоземното Море животот го изгубија повеќе од 5000 мигранти обидувајќи се да стигнат до Европа.