Илјадници граѓани маршираа низ Европа против климатските промени

Десетици илјади граѓани излегоа на протести во повеќе европски градови и побараа од политичките лидери да дадат приоритет на борбата против климатските промени.

Вкупно 60 маршеви беа организирани вчера на континентот, од кои најголемиот дел се одржаа во Франција.

Граѓаните се обединија под пораката „Сè уште има време“, а дел од нив на социјалните мрежи потенцираа дека токму необично топлото време, за овој период од годината, е доказ дека е потребна акција.

„Денеска маршираме за климата. 13 октомври е, а има 30 целзиусови степени… Има смисла!“, напиша на твитер Џером Масегоса.

Антоен Ле Тертре, кој беше дел од собирот во Анжер, во северозападна Франција, објави фотографија од маршот под сјајното сонце.

„Ова е можност да се потсетиме на последиците од климатските промени кои се веќе видливи. Мораме да ги повикаме властите да ги интензивираат своите политики за да ја заштитиме нашата планета“, објави тој на Твитер.

Протестите доаѓаат една недела откако Меѓувладиниот панел на климатските промени, глобална организација создадена од Обединетите Нации и Светската метеоролошка организација, предупреди дека се потребни итни и сеопфатни промени во сите општествени сфери за да се спречи затоплувањето на 1,5 степени над нивоата пред индустриската ера.

Сличен марш минатиот месец беше организиран во Париз, откако тогашниот министер за екологија на франција поднесе изненадувачка оставка во радио-емисија во живо.

Енди Батентир, коорганизатор на маршот од Париз за радио Европа 1 изјави дека мобилизацијата е начин за одржување на притисокот.

„Нашата крајна цел е овие проблеми да бидат сфатени сериозно. Токму на тоа повика и министерот Хуло кога поднесе оставка. Тој кажа дека има голем проблем и дека не може да сфати зошто ваквите прашања остануваат во позадина“, изјавил Батентир.