Илјадници демонстрираа против говорот на омраза низ Полска по убиството на градоначалникот на Гдањск

Илјадници граѓани се собраа на улиците во Варшава под слоганот „Стоп за омразата“, а слични демонстрации  против говорот на омраза и насилството се одржаа и во други градови од Полска по убиството на градоначалникот на Гдањск, Павел Адамович.

Адамович почина вчера откако пред два дена беше прободен во градите со нож на хуманитарен настан на невладина организација.

Во Гдањск граѓаните одржаа едноминутен молк пред општинската зграда каде Адамович работеше повеќе од 20 години како градоначалник. На присутните им се обрати претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, кој е по потекло од градот и кој беше пријател на починатиот Адамович.

„Драг мој Павел, овде сме денес како твои пријатели. Мораше да чекаш олку долго, до овој трагичен момент, за да видиш колку пријатели имаш овде во Гдањск. Ти ветувам дека за тебе ќе го ослободиме од омразата нашиот Гдањск, нашата Полска и нашата Европа“, рекол Туск.

Политичарите од сите идеологии го осудија убиството, меѓу кои и премиерот Матеуш Моравицки, министерот за внатрешни работи Јоаким Бруджински и други членови на владејачката Партија на правдата, на која Адамович беше жесток критичар.

Убиецот, идентификуван како 27-годишен маж од Гдањск со досие на насилство, бил ослободен од затвор минатиот месец. По нападот, убиецот извикал дека го обвинува Адамович и неговата поранешна политичка партија „Граѓанска платформа“ за неговото затворање во 2014 година поради серија на насилни напади.

Адамович беше дел од демократската опозиција формирана во Гдањск под водство на Лех Валеса во 1980-тите години. Минатата година беше реизбран по шести пат. Како градоначалник тој беше прогресивен глас кој поддржуваше сексуално образование во училиштата, ЛГБТ права и толеранција за малцинствата.