„Иднината е приватна“ – претстава со пренос во живо

Во среда (9-ти септември) од 20 часот онлајн ќе биде прикажана премиерата на „Иднината е приватна“.

Се работи за театарска претстава сместена во иднината, која зборува за животот обликуван од физичка дистанца, изолација и комуникација исклучиво преку виртуелни профили.

Во претставата играат: Ангела СтојановскаНаталија ТеодосиеваДени СтојановДарко РистовскиНина Елзесер и Христијан Поп-Симонов како гласот на Адам.

Текстот и режијата се на Милош Б. Андоновски, а продуцент е Петар Антевски.

Костимограф е Ирина Тошева, а сценограф е Наташа Вчкова. Музиката и анимациите се на ИСКРА.

„Често пати размислувам за тоа дека овде се преклопуваат неколку различни времиња во едно, дека истовремено живееме во три периоди: го живееме минатото среде сегашноста со постојан копнеж по иднината, која никако не доаѓа. Она пристојното, достојното што е некаде таму надвор, овде е недостижно. Каква е иднината? Освен што се уверивме дека е непредвидлива, таа може да биде и розова, истовремено и дистописка, како во оваа претстава која тврди дека таа е „приватна“ односно дека лежи во враќањето на приватноста назад кон човекот. Што ако иднината навистина лежи во враќањето наназад, во нешта кои порано биле секојдневие, а денес се веќе егзотика: миризбата на лебот, грижата за природата, животните и другите? Живееме изолирано и повеќе виртуелно, отколку во живо, зашто само така се чувствуваме поврзано со она што е надвор од нас, од овде. Иднината ја чувствуваме преку видливоста, препознатливоста, брендот, објавувањето на порциите и долната облека, споделувањето на личните спомени и оплакувањето на мртвите“, вели режисерот Милош Б. Андоновски.

Организаторите велат дека започнале со идеја за театарска претстава, изведена на начин кој е веќе познат, со физичко присуство. Но, поради пандемијата со коронавирусот, гледачите ќе можат претставата во живо да ја следат преку платформата Basita.live, додека актерите се на сцена во Денсинг салата на МКЦ.

Подготовките на оваа независна театарска претстава започнаа уште во февруари 2020 со најавата на кампањата за прибирање финансиски средства за нејзина реализација на која публиката имаше можност да донира и предвреме да си набави билети за претставата. Продукцијата на претставата е финансиски поддржана од Делегацијата на ЕУ во Скопје, како и спонзорите Агенцијата за интелектуална сопственост Берин и Модното студио Ле-Те.

*Цената на билетот за да го следите видео преносот е 360 денари. Повеќе информации на следниов ЛИНК.