„И Тор фрла ѓубре, а и на Азгард има корпи за отпад“ – нова акција на штипските активисти

Долж рекреативната пешачка патека во Штип, покрај реката Брегалница, беа поставени знаци со кои се бара од локалните власти да постават канти за отпад, но и да им посочат на своите сограѓани за негрижата кон природата.

„И Тор фрла ѓубре, а и на Азгард има корпи за отпад“, велат штипските артивисти.

„Оваа акција е наменета за подигање на свеста на нашите сограѓани кои не го зачувуваат ова место кое е едно од ретките во Штип рекреативни зони. Кантите за ѓубре се искршени, дел ги нема воопшто, а ѓубрето е расфрлано на сите страни. Дури и таму каде што има соодветно поставени канти за ѓубре, сепак, наоколу забележуваме отпушоци од цигари, пластични шишиња, хартии и слично. Затоа сакавме да пренесеме порака, колку и надлежните да поставиле клупи, канти и слично, доколку не ги чуваме и ѓубрето го расфрламе наоколу, ќе ја немаме ни оваа пешачка зона, ќе ја претвориме во уште една депонија. Затоа ги повикуваме надлежните да постават нови канти, а до жителите на град Штип упатуваме апел да се однесуваат совесно кон животната средина“, се вели во апелот.