На 16 март со почеток во 21 часот во ноќниот клуб „Балет“ ќе се одржи хуманитарна изведба на претставата „Привид“ на независниот театар Theatra. Билетите за „Привид“ ќе можат да се набават на денот на настанот од 20.30 часот во ноќниот клуб „Балет“, по цена од 200 денари.
„Привид“ како дел од проектот „Секаде театар“ веќе втора година успешно се игра на репертоарот на Theatra, полнејќи ја алтернативната сцена во „Балет“, изведба по изведба.
На истата сцена во оваа претстава истовремено се одвиваат три приказни. Целта на „Привид“ не е само активирање на сите сетила кај публиката, туку и нивнот ставање во функција на разоткривање на целата претстава. Со оваа идеја, се игра претстава што зборува за врската меѓу двајца луѓе, но тука физички се отсликуваат и нивните состојби и затскриени чувства и значења.
Во претставата учествуваат актерите Васил Зафирчев, Наташа Петровиќ, Марија Зафирова, Симона Спировска, Викторија Илиоска, Билјана Стојкоска, а режисер е Билјана Радиноска.
Сите средства од изведбата ќе бидат наменети за лекување и овозможување на подобри услови за живот на Анкица Стојковиќ, жена со тешка здравствена состојба која се бори за својот живот.