Human Rights Watch: Полицијата употребила прекумерна сила на протестот на 5 мај

Организацијата за човекови права „Human Rights Watch“ во посебен извештај се осврнува на полициската бруталност на протестите на 5 мај во Скопје и констатира дека полицијата употребила прекумерна сила над демонстрантите.

Организацијата нагласува дека властите во Скопје треба да започнат истрага, која ќе резултира со обвиненија поради употребата на прекумерна сила од припадниците на безбедноста кои го сториле тоа. Властите мораат да го обезбедат правото на граѓаните на мирен протест, се вели во извештајот.

Од Human Rights Watch разговарале со седум учесници во протестот, кои изјавиле дека биле тепани од полицијата, како и со шест други граѓани, кои рекле дека биле сведоци на употреба на прекумерна сила од страна на полицајците или биле полесно повредени во моментите кога полицијата ја разбиваше толпата.

„Обезбедувањето на демонтрации не е лесна задача, но тепањето луѓе сигурно не е прифатлив начин за контрола на толпата. Понатаму, претепувањето на еден новинар за време на протестот не е само незаконски, туку и неодбранлив напад врз слободата на изразувањето“, вели Lydia Gall, истражувач за Балканот и Југоисточна Европа во Human Rights Watch.

Во однос на казните кои им се одредени на осудените, организацијата смета дека тие се преголеми за делото за кое биле судени уапсените граѓани, со парични казни кои се поголеми од просечната плата во Македонија.