Хрват пешачи од Ријека до Загреб со крст од 20 килограми на грбот револтиран што владата нема пари за болните деца

Револтиран што хрватската влада троши за воени авиони, наместо за тешко болните деца, Саша Павлиќ од Ријека својот протест решил да го изрази така што тргнал пешки за Загреб, кој е оддалечен околу 160 километри, натоварен со дрвен крст тежок 20-тина килограми.

„Се почна со весник кој го читав со утринското кафе. Налетав на репортажа за деца за чие лекување министерот за здравство вели дека нема пари. Само две страници понатаму, беше сторија за израелски авиони за кои државата планира да плати 3 милијарди куни. Едноставно не можев да го прифатам фактот дека за лековите за деца нема пари во буџетот, а за странски авиони има. Морав да направам нешто“, рекол Павлиќ за Јутарњи.

Протестниот потфат го пренесува преку својот Твитер профил. Корисниците на оваа социјална мрежа почнале да го следат, споделувајќи ги неговите твитови, а на Павлиќ по некое време почнале да му приоѓаат луѓе по пат кои го пречекувале со храна, колачиња и со повици за поддршка на неговата акција.

Во првиот твит, тој ја објаснува симболиката на неговиот гест:

„Бидејќи не можам салонски да коментирам, со по некоја духовита слика, направив крст кој го носам во Загреб на драгите лидери на овој народ, го носам за сите оние деца и родители кои слушаат дека нема пари за лекување, а има за авиони“, стои во твитот.

Граѓани веќе повикуваат на масовен собир во Загреб во среда, кога се очекува Павлиќ да пристигне во главниот град на Хрватска, порачувајќи заедно со него да покажат на властите дека децата имаат право на лекување, медицински помагала и детски додатоци.