„Хроматик поинт“ утревечер во „Станица 26“

Утревечер со почеток во 21 часот, во ноќниот клуб „Станица 26“  ќе настапи македонскиот инструментален состав „Хроматик поинт“ (Chromatic Point). Оваа музичка група свири инструментален етно-прогресив метал.

Членовите на бендот – Душко Ичев на клавијатури, Ален Спасевски на бас-гитара, Христијан Ристески, гитари и Филип Јездиќ на тапани – ветуваат неколкучасовно енергично дружење. Како предгрупа ќе настапи прогресив рок-групата „Јувиги“ (Yuvigi) од Софија.

Бендот е формиран 2010 година и веќе активно работи 8 години. Досега има издадено 3 албуми: „Златен пресек“ во 2012 година, кој е самоиздаден, потоа „Слики од старата куќа“ во 2014 година за „Мајнер рекордс“ (Miner Records) и третиот албум „Изгрев“ од 2016 година, исто така самоиздаден.

„На концертот публиката ќе има можност да слушне и види изведба на виртуозна инструментална музика. Ќе бидат опфатени песни од нашите 3 досегашни студиски албуми, како и изведба на новиот сингл Clockwork’, кој ќе биде за првпат отсвирен пред домашната публика. Свириме инструментален етно-прогресив метал, досега немаме песна со вокал и како формација секогаш настапуваме како квартет. Песните и аранжманите ги правиме ние самите, обично некој од членовите на бендот доаѓа со некаква идеја, која подоцна во текот на пробите се разработува и во најголем дел на тој начин ја создавме музиката. Инспирациите и влијанијата ни се најразлични, од метал и рок-бендови сè до џез, блуз…“, велат од бендот.

Досега имаат настапувано на повеќе фестивали низ земјава, а одржале и многубројни самостојни концерти во Скопје и во другите градови низ Македонија.

Во меѓувреме, бендот интензивно работи на создавање музика за нивниот четврти студиски албум.