Ховит го повика Европскиот парламент да го поздрави формирањето на НМС

Формирањето на Националниот младински совет на Македонија се најде во резолуцијата која известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Ричард Ховит ја поднесе до Европскиот парламент.

Ховит го повика Европскиот парламент да го поздрави формирањето на НМС

Во документот за извештајот за напредокот на Македонија, кој содржи 62 препораки за земјата, Ховит го поздравува формирањето на ова младинско тело и препорачува Европскиот парламент како и домашните институции целосно да го поддржат.

„Да се поздрави формирањето на Националниот младински совет и да се направат напори да стане едно широко и политички независно тело кое може целосно да партиципира како член во Европскиот младински форум. Се повикува домашната Агенција за млади и спорт целосно да го поддржи ова тело и да партиципира во неговите активности“, гласи препораката во резолуцијата за која Европскиот парламент ќе расправа вечерва, а се очекува пратениците за предлогот да гласат утре.

Овој чекор на британскиот европратеник Ховит вчера беше поздравен и од Европскиот младински форум, преку нивната официјална Фејсбук страница.

„Очекуваме што поскоро да работиме со нив (НМС) и да го слушнеме гласот на младите Македонци“, порачаа од Европскиот младински форум.

Националниот младински совет на Македонија е основан од страна на 55 младински организации, организации за млади, сојузи и подмладоци на политички партии. Целта на НМС е да да ги претставува интересите и потребите на младите луѓе и да обезбеди вклучување и активно учество на младите во процесот на донесување одлуки на секое ниво. Освен борба за повеќе права за сите млади, НМС најави интензивна комуникација со институциите кои имаат надлежност за сите младински прашања.

К.О.