Хорот „Сите бои на уметноста“ од ООУ „К.Ј – Питу“ од Скопје освои прво место на натпревар во Италија

Хорот и оркестарот на основното училиште „Кузман Јосифовски – Питу“ од Скопје под името го освои првото место на Интернационалниот фестивал во Ричоне (Riciione) во Римини, Италија.

Хорот настапи под името „Сите бои на уметноста“ и под менторство на професорката по музичко во ООУ „Кузман Јосифовски – Питу“, Вера Ангеловска се натпреваруваше во различни категории со 18 други групи од Литванија, Шри Ланка, Иран, Хрватска, Израел, Ерменија и Бугарија,

„Со 31 глас од хористите и 9-те членови на оркестарот, настапот на македонската музичка експедиција ги изнуди аплаузите и овациите од преполната сала во ‘PALAZZO DEL TURISMO’ во Riccione (Ричоне), Римини Италија. Пехарот за освоеното прво место ќе остане во трајна сопственост на училиштето, како и оригиналната статуетка од Интернационалниот фестивал, и златните медали на градите на учениците ќе останат да сведочат за овој огромен успех на хорот и оркестарот на ООУ ‘К.Ј. Питу’, како прв и единствен претставник од Македонија на еден ваков Светски музички настан“, информираат денес од училиштето.

Покрај хорот и оркестарот, на Фестивалот во категоријата „вокални солисти“, земјава ја претставуваа и ученичките Лана Алексовска која го освои второто место и Ева Балканова која заврши третопласирана, а и двете се дел од победничкиот хор.