ХОПС: Маслото од канабис е прескапо и се уште третирано како дрога – во аптеки се чува под клуч

Забелешката е дека треба нов, посебен закон за медицинска употреба на канабис. Регулирањето на лек низ постоечки Закон за контрола на опојни дроги единствено придонесува за стигматизирање на лекот. Велиме „лек“, а истовремено го третираме како дрога. Овој лек има малку поинаков треман и од другите лекови, бидејќи единствено за него пациентите треба да потпишат согласност дека сакаат да го употребуваат. За ниту еден друг лек не го прават тоа. Најпрактично, ако отидете во аптека и го побарате лекот, конкретно маслото за рак – тој лек стои заклучен со клуч. Тоа е уште еден показател како се третира овој лек.

Ова се дел забелешките на Воскре Наумовска Илиева од ХОПС –  Опции за здрав живот. Оваа организација е вклучена од проектот „Граѓаните во Собранието: Законски иницијативи за човекови права“ на Високата школа за новинарство и „Вестминстер фондација за демократија“, преку кој ХОПС го презентираше своето истражување „Конопот за медицинска употреба во Македонија – Здравје или бизнис?“.

Иницијативата на ХОПС е околу законот со кој се регулира медицинската употреба на канабисот. Законските измени беа донесени во првиот дел од годинава, кога повеќе организации и здруженија укажаа дека е потребен нов, посебен и посоодветен закон кој ќе придонесе за поголема достапност на лекот до оние кои им е најпотребен. Со истражувањето, вели Наумовска Илиева, го потврдиле токму тоа.

„Испитувавме како се применува во пракса законот, преку здравствените работници – онколог, психијатар, токсиколог, претставник од Меѓусесорската комисија за дроги, но и пациентите кои го употребуваат маслото од канабис. Ставот и на едните и другите е генерално усогласен во однос на недостапноста и невозможноста на лекот. Пред се’ поради високите цени, потоа несоодветните концентрации ТХЦ и ЦБД во самото масло, но и поради ограничувањето на здравствените состојби за кои што е достапно. Законот е предвиден за само четири здравствени состојби – ХИВ, епилепсија, рак и мултиплекс склероза, но, сепак, моментално на пазарот имаме масло единствено за рак, а останатите луѓе, како и досега, продолжуваат лекот да го земаат на црниот пазар, или самите да го произведуваат“, вели претставничката од ХОПС, напоменувајќи потреба воопшто да нема ограничување на листата на медицински состојби за кои конопот би се препишувал.

Воскре Наумовска Илиева, ХОПС

Воскре Наумовска Илиева, ХОПС

Дека навистина е недостапен имале можност да слушнат и од една мајка, која што има дете со епилепсија. Taa, нагласува Наумовска Илиева, самата бере див коноп кој расте во земјава, и тоа нејзе ја чини далеку поевтино, додека купувањето на лекот е многу поскапо и со мали концентрации на ЦБД ( која помага за епилепсија).

„Едноставно, луѓе си берат од тој коноп и во домашни услови го подготвуваат. Таа мајка, за шест месеци, ја чини само 1.000 денари да му дава масло на своето дете. Затоа, во новиот закон мораат да се предвидат бенефиции.  Целта е за маслото, но и сите други форми на канабис, да има сегмент во законот за луѓето сами да си го одгледуваат, или подготвуваат лекот. А, за оние што не сакаат или нема да бидат во можност, мора да се најде друг начин – да се стави на позитивна листа. Или да се овозможи конкурентност на пазарот, преку достапнот на поголем број производи за да можат луѓето да си го дозволат“, потенцираше Наумовска Илиева.

Според неа, иронично е луѓето со хронични болести од една страна да бидат ослободени од сите партиципации во здравствениот систем за сите интервенции, а за едно масло кое би било лек да плаќаат од 5.000 – 9.000 денари (колку што чинат маслата на „Реплек“). Оттука, од ХОПС бараат Фондот за здравствено осигурување да ги стави препаратите од канабис на позитивната листа на лекови, најмалку за лекување на тешки хронични или терминални болести.

„Паралелно со ова, направивме истражување како во други земји е ова регулирано. Канада е многу добар пример бидејќи имаат многу либерално регулирање на канабисот. Кај нив не постои ограничување на здравствени состојби за кои може да се препишува, и тоа не само маслото, туку било кој препарат од канабис. Практично, секој доктор, доколку за одредена состојба постои индикација, може да го препише лекот. Одредени лекови што се од синтетички канабис се на позитивна листа, а од 2016 година им дозволија на пациентите сами да си го одгледуваат канабисот, бидејќи заклучија дека одгледувањето само од приватен сектор е противуставно. Односно, ја огранучува конкурентноста на пазарот“, заклучи Наумовска Илиева.

За забелешките на ХОПС се обративме до Агенцијата на лекови, но се уште чекаме одговори на нашите прашања.

Б.Ш.